Претседателот потсети дека од друга страна и неговиот колега во Бугарија, Румен Радев, го правел истото – во повеќе наврати ги примил претставниците на македонските државјани со бугарска самосвест
Пендаровски кажа дека на средбата со ОМО „Илинден Пирин“ дал директен одговор дека тој не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така, порача дека и обратно – за Бугарите што живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските. Јас можам да ве лажам за да добијам популистички поени и да градам рејтинг, додаде Пендаровски, па да ветувам дека ќе им ги овозможам правата, но тоа, како што рече, би било огромна измама бидејќи моите надлежности се дотука

Нема ништо спорно во мојата средба со ОМО „Илинден Пирин“ и тоа не е спротивно на Договорот за добрососедство од 2017 година, е одговорот на шефот на државата Стево Пендаровски по острата реакција на Бугарија за неговата средба со претставници на здружението на Македонци. Ако некому му пречат моите средби, рече шефот на државата, со Македонците каде било во светот, тоа не е мој проблем.
„Јас дадов и јавно соопштение и коментар на тоа соопштение. Морам да ви кажам дека ме изненади затоа што во тоа соопштение, освен констатација, немаше аргумент. Дали некому воопшто му пречи самата средба, затоа што од соопштението што јас го дадов и изјавите што ги имавме, и јас и луѓето што беа кај мене на средба, произлегува за што сме зборувале и таму нема ништо спорно. Ниту една точка и запирка од изјавеното од моја и од страна на моите соговорници не оди контра Договорот од 2017 година. Ако некому му пречи самата средба на претседателот на Република Северна Македонија со Македонци каде било во светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем. И не би требало да биде наш проблем“,
рече Пендаровски.
Претседателот рече дека нема никаква заднина на оваа средба туку едноставно прифатил да се види со претставници на здружението кои побарале средба. Пендаровски потсети дека од друга страна и претседателот на Бугарија, Румен Радев, го правел истото – во повеќе наврати ги примил претставниците на македонските државјани со бугарска самосвест.
„Јас во две и пол години додека сум на функцијата немам одбиено никого, ниту здружение ниту поединец кој сакал да се види со мене. Притоа сум примал и граѓани на Република Северна Македонија – Бугари, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега, претседателот Радев, во повеќе наврати прими граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука. Ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби, се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму бидејќи тоа може да создаде само атмосфера во која ќе се познаваме подобро, ќе си ги знаеме проблемите подобро и само во таква една атмосфера можеме да ги надминеме овој проблем кој година и пол – две ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја“,
порача претседателот.
Пендаровски кажа дека на средбата со ОМО „Илинден Пирин“ дал директен одговор дека тој не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така, порача дека и обратно – за Бугарите што живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските.
„На нивното директно прашања мојот одговор беше директен: ’Јас ве примам, сакам да ги чујам вашите маки и ако имате потреба во иднина повторно ќе се видиме, меѓутоа во смисла дека јас сега ќе им наложувам на бугарските институции (влада, држава, судови итн.) да направат нешто во смисла на заштита на вашите права тоа од мене немојте да го очекувате‘. Зошто? Затоа што за бугарските државјани се надлежни институциите на Република Бугарија. Ако не се задоволни, а како што знаеме не се задоволни од тоа како ги реализираат своите човекови слободи и права, имате право да одите на меѓународните судови. Имате десетина пресуди во Стразбур. По ниедно правило на меѓународното право јас не смеам да се мешам во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани и тоа е во согласност со Договорот од 2017. И обратното, за Бугарите кои живеат во Северна Македонија сме надлежни јас, македонската Влада, македонските институции, македонските судови. Ако не се задоволни од мене, од нас, одат во Стразбур или кај меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на човековите права“,
рече претседателот.
Јас можам да ве лажам за да добијам популистички поени и да градам рејтинг, додаде Пендаровски, па да ветувам дека ќе им ги овозможам правата, но тоа, како што рече, би било огромна измама бидејќи моите надлежности се дотука.
„Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм двојно со тие луѓе кои се прилично измачени во трагањето на човековите слобода и права децении наназад. Моето овластување од оваа позиција е дотука, тоа го очекувам и од секој друг претседател на некоја друга држава каде што живеат Македонци кои сакаат да си ги остварат правата, тие таму институции се надлежни за нивните права, не јас. И обратно“,
рече Пендаровски.