„Не се памети на сите овие мои митинзи дека сум го спомнал ’Влен’ – опозициската коалиција… Зошто? Затоа што мислам дека мојот главен политички опонент е кандидатката предложена од ВМРО-ДПМНЕ“, вели кандидатот за шеф на државата поддржан од СДСМ и коалицијата
ВМРО-ДПМНЕ последните неколку месеци е опседната со ДУИ. Јас не ги спомнувам ДУИ, но не ги спомнувам ниту „Влен“, затоа што мој главен политички опонент е Гордана Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е одговорот на кандидатот за претседател на државата поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прозивките од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Пендаровски во кампањата воопшто не ги спомнува, а уште помалку ги критикува ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби.

„ВМРО-ДПМНЕ е опсесивно врзана со ДУИ последните месеци, независно од кампањата, и не ги знам нивните мотиви, сигурно имаат некоја анализа направено зошто тоа наводно ќе им врши работа. Меѓутоа, не се памети на сите овие мои митинзи дека сум го спомнал ‘Влен’ – опозициската коалиција. Има четири политички лидери: градоначалникот на Гостивар, градоначалникот на Тетово, Африм Гаши и четвртиот-петтиот… Јас не ги спомнувам нив. Зошто? Затоа што мислам дека мојот главен политички опонент е кандидатката предложена од ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Пендаровски.
Според него, небулозно е што еден возрасен човек, алудирајќи на Мицкоски, тврди оти актуелниот претседател на државата стоел мирно кога разговарал на телефон со Артан Груби.
„Тоа се небулози од најнизок, најпримитивен вид, не знам што ќе му е тоа. И, конечно, јас не сум бил во влада со нив, па сега да речам ако сум дел од СДСМ и обратно, кој со кого како кохабитирал во истата влада последните неколку години. А мојот однос кон Владата и делови од Владата сум го покажувал преку непотпишување укази, преку потпишување укази, преку прифаќање кандидати за амбасадори и редица други прашања каде што имаме надлежности кои се преклопуваат“,
кажа Стево Пендаровски во интервјуто.
Прашан за тоа дали настапите во кампањата и (не)спомнувањето одредени субјекти може да се гледа и како тактика пред вториот круг кога ќе му биде неопходнa поддршка и од гласачи Албанци, Пендаровски одговара:
„Принципиелно, мислам дека треба да бидам еднаков кон секој политички субјект, било да ја претставува албанската, ромската, бошњачката, турската етничка заедница, секаде имаме по три-четири такви. Ако ме прашувате од политичко-прагматичен аспект, мислам дека е коректно да не напаѓам никој ако нема причина за напад. Бидејќи, кој гарантира дека утре, независно од реториката на ВМРО-ДПМНЕ, нема ДУИ да биде поблиску до правење влада со ВМРО отколку ’Влен’. Зборувам за изборните резултати, никој не знае какви ќе бидат. Ако ДУИ има пристојна дистанца во однос на пратеници, не исклучувам ВМРО нив да ги земе во влада, настрана што сега кажуваат дека вака ќе било, така ќе било, дека ДУИ треба да оди во опозиција… Секогаш математиката се прави врз основа на бројките што ги имате на маса пред вас“.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој на вчерашниот митинг во Скопје призна грешки, „најмногу кадровски, но и политички, пред сè, во соработката со дел од коалиционите партнери“, додавајќи дека е свесен оти дел од нив ја поминаа црвената линија и етничките прашања ги направија бизнис – дел од албанските партии, како и македонските, Пендаровски вели дека е добро што не биле спомнати луѓе само од албанскиот политички блок, туку и од македонскиот.

„Тоа е негова проценка, тој човек ја водеше Владата две години и најдобро знае како внатре функционирале тие. Неколку глави, неколку главни коалициони партнери, сигурно знае и има конкретни имиња и презимиња на кои мисли и прилично е добро што спомнува од двете страни, затоа што некој ќе го обвини за предубедување на етничка основа. Не ја спомнува само ДУИ, бидејќи во Владата имаше и друга албанска партија, не само сега туку и порано. Добро е што спомна и македонски политички партии во Владата, бидејќи нема само една, туку има повеќе. И сега и порано сме имале во Владата претставници од помалите етнички заедници. И таму може некој таа работа да ја направи професија“,
изјави Пендаровски.
Притоа, смета дека Ковачевски мисли на случаите на високопрофилна корупција.
„Мислам дека алудира на високите случаи на корупција, особено последните неколку месеци кога имавме еклатантни примери познати во јавноста, кои вие не можете да ги правдате, освен со тоа што некои луѓе веројатно мислат дека нема да бидат понатаму на власт и си викаат дајте што може да дограбиме“,
вели кандидатот за претседател поддржан од СДСМ.
Пендаровски вели дека и до него пристигнуваат информации оти во правосудството, во обвинителството и кај луѓе во ОЈО ГОКК кои работат повисоки случаи, се чекаат резултати од изборите за да постапуваат или да не постапуваат од страв дека политичарите ќе им се одмаздат и дека нема да можат да напредуваат во кариерата.