Претседателот на државата смета дека Словачка застанала во одбрана на вредностите на кои почива нацијата, а што е наведено во Преамбулата на Уставот, каде како една од вредностите се споменува и делото на Кирил и Методиј, чиј ден – 24 Мај бугарскиот парламент неодамна го прогласи за Ден на бугарската азбука
Јас телефонски разговарав со амбасадорите на Чешка и на Словачка и им изразив огромна благодарност за нивниот потег, но блокадата на донесувањето на заклучоците за проширувањето за Западен Балкан на Советот на ЕУ е пред се и над се одбрана на нивните национални интереси, смета претседателот на државата Стево Пендаровски, одговарајќи на прашањето дали вчерашниот потег на овие две земји да не дозволат усвојување на нацрт-текстот на заклучоците во кои се вметнати делови за компромис со Бугарија е дипломатска шлаканица за Софија.
„Не. Чешка и Словачка рекоа што рекоа. Тие го блокираа целиот заклучок, а од почетокот предлогот беше на германското претседателство. Сето тоа се случува внатре во ЕУ, каде ние не сме играчи, не сме присутни. Германскиот предлог оди на Советот, не не прашуваат нас дали ни се допаѓа да пробиеме со некоја помека формулација. Не не’ прашуваат, не сме членка“,
рече Пендаровски.
Тој смета дека вчера Словачка застанала во одбрана на вредностите на кои почива нацијата, а што е наведено во Преамбулата на Уставот, каде како една од вредностите се споменува и делото на Кирил и Методиј, чиј ден- 24 Мај бугарскиот парламент неодамна го прогласи за Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература.
„Не можете со став на ЕУ во целина да кажувате како ја направиле својата држава. Не е твоја работа и тоа е принципиелен став“,
рече Пендаровски.