Шефот на опозицијата влезе во нов дуел со шефот на државата
За него не бев исчезнат додека се обидуваше да направи парламентарно мнозинство од 61 пратеник. Одеднаш, според него исчезнувам, откога му пропадна обидот да направи мнозинство од 61 пратеник, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во врска со последните обвинувања од Христијан Мицкоски.од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски денеска го критикуваше Пендаровски дека не ги коментирал последните случувања во земјава ниту, пак, презел нешто за енергетската криза која, според него, е и безбедносна.
„Стево Пендаровски е исчезнат. Го слушнавте ли, даде ли тој некој коментар за ова што се случува во Македонија. Јас не го гледам. Единствено мене што ме критикува одвреме-навреме, кога ќе добие нарачка од Зоран Заев, “
изјави денеска Мицкоски.
Пред собраниската седница за иницијативата за недоверба на Владата, што ја поднесе опозицијата, Пендаровски изјави дека државата е во политичка криза и може да биде уште полошо ако во наредните денови нема јасно мнозинство, од најмалку 61 пратеник. Во таков случај, како што рече, можеме да влеземе во т.н. бугарско сценарио, алудирајќи на трите последувателни циклуси парламентарни избори во Бугарија, поради тоа што ниту една партија не успева да состави влада. Пендаровски рече и дека поразот во Скопје на локалните избори не смеел да биде повод за премиерот Зоран Заев да се повлече од функцијата. Тој смета дека оваа политичка криза е предизвикана од потегот на премиерот.
За време на викендот, Пендаровски, коментирајќи за барањата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, по неуспехот на иницијативата за недоверба на Владата, рече дека тоа е возможно ако се обезбедат 61 глас во парламентот за негово распуштање.