„Повеќе од јасно е дека ние не ги завршивме нашите домашни задачи. Но, кажете ми, како е можно во последните 10-11 години никој од Западен Балкан да не успее на патот кон Европската Унија? Црна Гора преговара 12 години, Србија е слично време формално во тој процес, а никој не е ниту блиску до крајот на тој долг пат“, вели поранешниот претседател
Пендаровски смета дека Европската Унија не работи активно со Западен Балкан, како што тоа го правеа САД по терористичките напади на 11 септември 2001 г. Но, додава, САД го напуштија регионот и останаа само со „симболично дипломатско присуство“, а Европа не се вклучи доволно ангажирано
Заостанувањето на Западен Балкан на патот кон членство во ЕУ е најмногу поради Европската Унија, рече вчера поранешниот претседател на Северна Македонија Стево Пендаровски, како учесник на панелот „Западниот Балкан на крстосница меѓу Западот и Истокот“, што се одржа во рамките на глобалниот безбедносен форум „Глобсек“ во Прага. Заедно со Пендаровски, на панелот учествуваа и поранешните претседатели на Хрватска и на Црна Гора – Колинда Грабар-Китаровиќ и Мило Ѓукановиќ, како и поранешната висока претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон.
Пендаровски рече дека Северна Македонија долги години беше на чело на трката за членство во ЕУ, а дека во последниве години тоа е Црна Гора, но без разлика на тоа, ниедна држава не е блиску до крајот на тој пат. Во своето излагање тој нагласи дека минатата година биле одбележани 20 години од Солунската агенда, кога полноправното членство во ЕУ за земјите од Западен Балкан првпат било споменато во европски документ, но ништо од тие заложби не се исполнило, од последното проширување пред 11 години кога Хрватска стана членка.
„Споменавте неколку вета, некои беа неформални, како француското вето, тоа беше барање од францускиот претседател да имаме подобра методологија, односно бидејќи заостанувањето на регионот било поради методологијата. Секако, тоа не беше вистина. Тоа никогаш не беше вистина. По мое видување, заостанувањето на патот кон ЕУ на Западен Балкан е најмногу поради Европската Унија. Кога го велам ова, не сакам да оправдам ниедни погрешни политики од локалните лидери и од регионалните лидери. Повеќе од јасно е дека ние не ги завршивме нашите домашни задачи. Но, кажете ми, како е можно во последните 10-11 години никој од Западен Балкан да не успее на патот кон Европската Унија? Црна Гора преговара 12 години, Србија е слично време формално во тој процес, а никој не е ниту блиску до крајот на тој долг пат“,
рече Пендаровски.
Ентузијазмот на населението за ЕУ опаѓа
Како што додаде тој, никој не треба да биде изненаден што ентузијазмот на населението опаѓа. Спомена дека порано нашата земја беше една од најпроевропските и прозападни држави во регионот, повеќе од 70 или 80 отсто од луѓето биле за полноправно членство во ЕУ, а денес тој процент е помалку од 50.
„Ние имаме многу специфична внатрешна структура. Имаме многу малцинства. Имаме четвртина од населението етнички Албанци. Се граничиме и со Косово и со Србија. Можеби поради ова, повеќето луѓе ја гледаа Европската Унија или ‘Европа без граници’ како некаков рецепт да имаме меѓуетнички соживот и добар животен стандард. И, за жал, ние ставивме се на таа карта, или како што рече еден поранешен премиер, влеговме ‘ол-ин’. И паднавме на тој пример. Порано бевме лидери, но паднавме. И се уште, денес, јас не можам да видам никакво светло на крајот од тој многу долг тунел“,
додаде Пендаровски во своето излагање.
Поранешниот претседател оцени дека Европската Унија не работи активно со Западен Балкан, како што тоа го правеа САД по терористичките напади на 11 септември 2001 г. Но, додаде, САД го напуштија регионот и останаа само со „симболично дипломатско присуство“, а Европа не се вклучи доволно ангажирано.
Тој не верува дека кое било локално политичко водство, без разлика дали е на левата или на десната страна од политичкиот спектар, не би можело да ги спроведе реформите за демократизација и за унапредување на владеењето на правото и на животниот стандард, без процесот на евроинтеграции, со кој треба не само да се постигнат стандардите, туку и да се прифатат демократските вредности на ЕУ. Според него, една од причините за тоа е што во регионот нема доволно демократска традиција, особено во случајот со Северна Македонија.
„Бевме дел од поранешна Југославија, која не беше демократски ентитет, претходно не бевме држава во современа смисла на зборот. Значи, ни требаат тие лекции по политички пракси, добри политички пракси, да ги земеме од западноевропските земји и од САД. Тоа никаде не се гледа. Целиот процес на евроинтеграции денес е штиклирање квадратчиња на бирократски начин. Не ни треба тоа. Ни требаат значајни политики од страна на Европската Унија кон Западен Балкан“,
рече Пендаровски.
Потребно е регионот и политички да се интегрира во ЕУ, не само економски
На дополнително прашање дали Северна Македонија би прифатила да стане дел од заедничкиот европски пазар, но не и од европските институции, тој одговори дека тоа не би и помогнало на земјата. Како што додаде Пендаровски, релевантните оргнизации што ги следат демократските процеси покажуваат дека целиот регион назадува – или сериозно се наклонува кон автократија или има автократски режими. Затоа, според поранешниот претседател, е потребно регионот и политички да се интегрира во ЕУ, а не само економски.
„Во изминатите две-двеипол години, Европската Унија одеднаш почна да размислува и да се однесува како НАТО алијансата. Почнаа неформално да вметнуваат критериуми за членство што се однесуваат на геостратешкиот контекст. И тогаш слушате, на дневна основа, сега се отвора прозорец на можности поради војната во Украина. Не. Што ако еден ден, украинската војна заврши. Дали пак ќе продолжиме како претходно? Не можете да речете дека има прозорец на можности затоа што има војна на европскиот континент. Не ни треба тоа. Ни треба присуство од Европската Унија, оценување на сите критериуми и забрзување на процесот засновано на заслуги, не на геополитичкиот и геостратешки контекст“,
додаде Пендаровски.
На панелот се разговараше и за активностите на Кина во регионот и за вклучувањето на балканските земји во кинеската иницијатива „Појас и пат“. Пендаровски рече дека Северна Македонија ги замрзнала активностите поради, како што додаде, негативните искуства со кинеските заеми од пред една деценија.
„Кога земате заеми од Кина, тоа не е само економска категорија. Секој заем од Кина доаѓа со политички вредности во позадина. Односно со политички пораки. Затоа не мислам дека Северна Македонија треба да биде поврзана со вредностите што доаѓаат со кинеските заеми и со кинеските инфраструктурни иницијативи во регионот, особено во мојата земја“,
рече Пендаровски на панелот.