Унгарската претседателка рече дека веќе има две кучиња и доколку би однела уште едно од Македонија веројатно нејзините домашни кучиња нема да го прифатат Роки со задоволство
Со ЕУ може да водиме преговори, но преговори да го дадеме шарпланинецот Рок – не.
Вака на шега прокоментира претседателот Стево Пендаровски откако при пречекот на унгарската претседателка Каталин Новак ѝ претстави куче од расата шарпланинец, што во дел од јавноста беше протолкувано како подарок за гостинката.
„Пред да се симнам на прес-конференција видов дека има некои медиумски извештаи дека кучето со кое ја пречекавме гостинката е подарено на нашата ценета, прекрасна и ценета гостинка, тоа не е точно затоа што таа има две прекрасни кучиња кои ги чува дома. Ова беше само да ѝ покажеме една домашна раса на куче која е специфична за ова поднебје. На кратко кажано, со ЕУ може да водиме преговори, преговори да го дадеме Рок – не“,
рече Пендаровски.
Новак, пак, рече дека не верува оти Роки би бил добро прифатен од нејзините две кучиња дома.
„Јас веќе имам две кучиња и доколку би однела уште едно куче дома од Македонија веројатно моите домашни кучиња нема да го прифатат Рок со задоволство и би им пречело така што мене ми е многу мило што можев да го погалам Роки. Ќе го оставам тука“,
рече унгарската претседателка.
За шарпланинецот, подоцна Пендаровски се огласи на Фејсбук каде што откри дека го добил по „прекоманда“ од Армијата и оти Рок е стар три месеци.
„Со прекоманда од Армијата неодамна добив засилување во мојот Кабинет. Ви го претставувам симболот на нашата традиција, македонскиот шарпланинец, тримесечниот Рок“,
напиша Пендаровски.