И покрај енергетската криза, посочи Пендаровски, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот-земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции
Северна Македонија, сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, е мала земја со големи климатски амбиции, цел е да ги намалиме за 82 отсто нето-емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година, а тоа не е лесна работа, изјави претседателот Стево Пендаровски обраќајќи се на сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP 28, која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.
„Не е нов фактот дека човештвото се соочува со огромна климатска криза. Свет уништен од климатските промени би бил свет погоден од незамисливо човечко страдање. А непроценливата неправда е во тоа што најранливите нации, популации и сектори би биле несразмерно погодени. Најпрво доаѓаат ранливите нации. Сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, Северна Македонија е мала земја со големи климатски амбиции. Наша цел е да ги намалиме за 82 отсто нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Ова не е лесна задача. Електраните на јаглен се наш главен извор на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои влијаат и на климата и на здравјето“,
истакна Пендаровски.
Според него, дилемата е како постепено да се исфрли јагленот без да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците.
И покрај енергетската криза, посочи Пендаровски, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции.
„Овде, на COP28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна. Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ“,
рече шефот на државата.
Втора ранлива популација, како што посочи, се децата.
Го поддржуваме, наведе Пендаровски, „завршувањето на првиот глобален запис, усвојувањето на Глобалната цел за рамка за адаптација и правењето на Фондот за загуби и штети оперативно одржлив. За да бидат вистински правични и непристрасни, сите системи мора да ги интегрираат потребите и да ги почитуваат правата на децата“.
„Трети се ранливите сектори, како што е здравството. Справувањето со климатските промени може да биде можност за развој на здравствени системи отпорни на климатски промени и катастрофи. За таа цел, целосно ја поддржуваме Декларацијата за климата и здравјето. На крајот, грижејќи се за планетата и луѓето, за екосистемите и економијата, ќе ја намалиме енергетската несигурност и ќе придонесеме за многу потребниот мир и безбедност. Ранливоста може да биде изговор за очајување или шанса за акција. Ајде да ја избереме втората опција“,
повика претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности во Дубаи.