Во рамки на работна посета на Турција по повод учеството на Самитот на претседатели на држави и влади на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и учеството на Анталија дипломатскиот форум, претседателот Стево Пендаровски се сретна со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Во соопштението од Кабинетот на Пендаровски се вели дека искажана е благодарност за укажаната целокупна турска медицинска помош која пристигнуваше во нашата земја уште од првите мигови по прогласувањето на пандемијата, како и за 30 000 вакцини, коишто неодамна ги добивме.

Претседателот Пендаровски истакнал дека Турција за Северна Македонија претставува еден од најважните економски партнери и дека сме подготвени за целосно подигнување на нивото на соработка, како во трговските врски, така и во делот на турските инвестиции во нашата земја.
Во рамки на НАТО, како сојузници кои имаат и обврска да ги промовираат вредностите на Алијансата, двајцта претседатели констатирале дека Северна Македонија и Турција делат заеднички погледи во однос на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот, преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка.
Соговорниците разговарале и за предизвиците поврзани со миграцијата од Блискиот Исток и Северна Африка, при што претседателот Пендаровски ја истакнал важната улога на Турција во справувањето со ова прашање, како значаен фактор кој ја чува стабилноста на сите земји на Балканската миграциска рута.
Mакедонскиот претседател денеска имаше обраќање на на Самитот на шефови на држави и на влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) кој, во рамките на турското претседавање, се одржува во Анталија.