Шефот на државата вели дека во наредните две недели, според неговите информации, иницијативата за уставни измени би требало да го помине филтерот во Влада и потоа да влезе во парламентот

Претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање во рамки на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (PSJIE), кој се одржува во Подгорица, истакна дека се надева оти до ноември, кога треба да заврши и скрининг процесот со ЕУ, ќе бидат направени уставните измени, за да се избегне државата сама да се блокира за влезот во ЕУ.
„Не би сакал воопшто и да помислам на опцијата сами себе да се блокираме кога веќе минатата година ја усвоивме европската преговарачка рамка, најлогично е да ја завршиме таа работа и да продолжиме со втората конференција за членство во ЕУ“,
рече Пендаровски.
Во одговорот претседателот потсети дека земјава минатата година ја прифатила европската преговарачка рамка и оти за уставните измени веќе е оформена работна група во Министерството за правда. Предлогот од групата, според него, во наредните две недели треба да помине во Влада и да влезе во собраниска процедура.
„Тие (работната група) дадоа предлог за содржината на амандманите, па и за влез на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Според најавите, следните две недели би требало таа иницијатива да ги помине процедурите во Владата и потоа да влезе во Парламентот. Во овој момент постојат разговори на различни политички нивоа, неодамна имаше и таканаречена лидерска средба меѓу премиерот и лидерот на главната опозициска партија, која сè до овој момент има забелешки, приговори и не е согласна да ја поддржи таа измена на Уставот. Некакви позитивни чекори напред од таа средба има, меѓутоа далеку сме сè уште од заокружување на тој процес“,
изјави Пендаровски.
Во очекување на иницијатива, претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, денеска рече дека парламентот во секој момент е подготвен да ја почне постапката за уставни измени.