Говорејќи во оваа насока, претседателот кажа дека земјава единствено била домаќин на последниот дијалог меѓу Белград и Приштина кој беше одржан во Охрид и дека нема да зазема страна, но дека како добар сосед и пријател со двете земји може само да им го посочи примерот и искуството што го има со Охридскиот рамковен договор од 2001 година
Северна Македонија не е ниту никогаш била или ќе биде страна во дијалогот меѓу Косово и Србија. Ги признаваме и двете држави, имаме амбасади во двете држави, тие имаат амбасади во нашата држава и во таа смисла имаме целосни дипломатски односи, така што немаме намера да заземаме страна.
Ова е дел од изјавата на претседателот Стево Пендаровски на денешната заедничка прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу на прашањето како го коментира барањето на Србија за формирање за Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово.
Говорејќи во оваа насока, Пендаровски кажа дека Северна Македонија единствено била домаќин на последниот дијалог меѓу Белград и Приштина кој беше одржан во Охрид, а дека како добар сосед и пријател со двете земји може само да им го посочи примерот и искуството што го има со Охридскиот рамковен договор од 2001 година.
„Ако некој сака да погледне во искуството и евентуално да научи нешто од искуството кое ние како држава го имаме, пред се мислам на Охридскиот рамковен договор кој беше постигнат во 2001 година, мислам дека нема да погреши. Не велам дека состојбите се идентични и дека може решенијата од Охридскиот рамковен договор да се пресликаат во некој иден договор меѓу Косово и Србија меѓутоа тука секако има модели на кохабитација внатре во државите и помеѓу државите кои можат да бидат евентуално искористени, но финалната одлука за тоа што ќе прифатат во тој дијалог е се разбира на легитимните органи на Приштина и Белград“,
рече Пендаровски.
Додаде дека земјава го поддржува постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, а неговата имплементација, како што рече, несомнено ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и развојот, не само на нашите соседи, туку и на регионот во целина.
Шефот на државата изјави дека Северна Македонија сака да види што е можно побрз крај на овој, како што рече, долг спор меѓу двете земји кој објективно ја забавува регионалната соработка која е од големо значење како подготовка за целосно интегрирање во евроатлантските структури.
Во оваа смисла, Пендаровски нагласи дека земјава ги поддржува аспирациите на Косово за членство во Европската Унија и НАТО и е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси на патот кон ЕУ и членството во Алијансата. Изрази поддршка и за одлуката на ЕУ за визна либерализација на Косово и за учеството на оваа земја во различни регионални и континентални форми на соработка.
„Со претседателката Османи-Садриу се согласивме дека нашите држави имаат значајно место со својата активна улога во заедничките напори за постигнување на трајна стабилност, добрососедство и економски просперитет на овој дел од Европа. Во тој контекст, констатиравме дека заедничката иднина на двете држави во евроатлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан“,
додаде Пендаровски.