Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска соопшти дека во овој момент нема потреба за продолжување на вонредната состојба, која истекува утре на полноќ.
Тој појасни дека досега до него не е пристигнато мислење од Владата за или против продолжување на вонредната состојба која на сила во континуитет е од 18 март.
Иако, како што рече, тој според Уставот има право и без Владата да донесе одлука за вонредна состојба во услови кога нема функционален Парламент, тој досега секогаш се консултирал со институциите кога се работи за клучни одлуки бидејќи како што рече ова не е „султан -држава“.
Неговата одлука да не ја продолжи вонредната состојба ја објасни со информациите од Владата дека има доволна количина медицинска и заштитна опрема и донесени се економски мерки за поддршка на домашната економија, а за што има доволно средства во Буџетот.
Пендаровски рече дека за цело време е во контакт и консултации со министерот за здравство Венко Филипче, а вчера имал подолг разговор со него за неговиот став за ситуацијата со коронавирусот, а воедно и со техничкиот премиер Оливер Спасовски. Денеска од Владата ќе добие целосен извештај со се што е преземено од Владата во изминатите 14 дена вонредна состојба.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали теоретски е можно да се смени одлуката за вонредна состојба доколку лидерите на политичките партии не успејат да постигнат договор за избори, Пендаровски, како што посочи исто така теоретски одговори дека не е проблем да се прогласи вонредна состојба уште ден-два и без тоа некој од него да го побара.
*Поврзана вест
Пендаровски ги повика Заев и Мицкоски уште денеска да седнат да се договорат за изборите