Еден од најчестите коментари во регионот е дека ако Македонија и покрај промената на името не доби почеток на преговорите за членство, тогаш што можат и што треба другите да направат за да напредуваат на тој пат, вели шефот на државата
Европската Унија мора да покаже поголема грижа за регионот. На претстојниот декемвриски самит на Европскиот совет има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на Западен Балкан наместо да го одложува тоа прашање за по европските избори, порача претседателот Стево Пендаровски на Регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ-предизвици и перспективи”, која се одржува денеска во Скопје, во организација на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.
Според Пендаровски, неспорно е дека со кандидатскиот статус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија, во исклучително тежок период, и тоа е добро, но, како што истакна, на Западен Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
Базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон, наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, според Пендаровски, Унијата започнала да наликува на НАТО.
„Ако ЕУ навистина има амбиции да биде геополитички играч, мора прво да го заокружи и да го обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан“,
рече Пендаровски.
Пендаровски посочи дека низ годините се искристализирале две главни причини за застојот.
„Во една од клучните точки на Солунската агенда, државите од регионот се обврзаа да водат борба против организираниот криминал и корупцијата како главна пречка за демократска стабилност, владеењето на правото, економскиот развој и напредокот на граѓанското општество. Наместо тоа, корупцијата стана еден од клучните генератори за иселување на младите луѓе од нашиот регион кои сакаат да живеат во земји и системи во кои ќе можат кариерно да напредуваат, но врз основа на сопствените знаења и вештини. Втората причина е што и самата Европска Унија не беше целосно фокусирана на проширувањето, оставајќи простор за засилување на одредени ретроградни процеси во некои од државите од регионот“,
објасни тој.
Додаде дека со практично замрзнатото проширување граѓаните почнале да ја доживуваат Унијата како сè подалечна и понедостижна цел.
„Претседателката на Европската комисија често ја промовира идејата за ЕУ како глобален геополитички играч. Но, ако навистина има амбиции да биде геополитички играч, ЕУ мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан“,
рече тој.
Според Пендаровски, актуелните случувања на Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања и невралгичните точки што имаат потенцијал да го дестабилизираат нашиот регион, а преку регионот и самата Унија.
„Притоа, воопшто не помагаат двосмислените изјави на некои европски челници коишто заговараат, прво, внатрешни реформи во Унијата, а дури потоа проширување. Прво, гледаме дека и по повод најновиот француско-германскиот план за внатрешни реформи на ЕУ се случува внатрешна поделба на Унијата, второ, ваквите изјави директно го хранат евроскептицизмот во нашиот регион“,
порача Пендаровски.
Истакна дека Европската Унија изгубила многу од својот кредибилитет токму во случајот со Северна Македонија.
„Нема да претерам ако кажам дека падот на евроентузијазмот и во другите држави од регионот, до одреден степен се должи и на македонскиот случај. Еден од најчестите коментари во регионот е дека, ако Македонија, и покрај промената на името не доби почеток на преговорите за членство, тогаш што можат и што треба другите да направат за да напредуваат на тој пат“,
истакна претседателот Пендаровски.