Настанот го организира Атланскиот совет, а е посветен на конкретни потези за зајакнување на регионалната економска соработка и привлекувањето странски инвестиции
Лидери на шест земји од Западен Балкан ќе учествуваат на видеосамит во Вашингтон в среда, организиран од Атланскиот совет, а посветен на конкретни потези за зајакнување на регионалната економска соработка и привлекувањето странски инвестиции.
Како што е објавено на страницата на Атлантскиот совет, на самитот ќе учествуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Авдулах Хоти, албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на министрите на Советот на БиХ, Зоран Тегелтија и црногорската министерка за економија, Драгица Секулиќ.
Овие значајни чекори ќе помогнат во закрепнувањето на економијата по пандемијата со поголеми можности за економски развој.
„Очекуваните економски и социјални последици од пандемијата Ковид-19 на Балканот бараат итна регионална акција за да се избегне трајна економска стагнација и потенцијалната нестабилност што доаѓа со тоа“,
нагласува Атланскиот совет од каде очекуваат поголема економска соработка во регионот.
Атланскиот совет организира Самит за партнерство во Западен Балкан, за да ги олесни и промовира конкретните чекори меѓу лидерите за регионална економска интеграција кои можат да го зајакнат економското закрепнување по пандемијата, да ја подобрат долгорочната конкурентност на регионот и да го зајакнат фокусот на инвеститорите.