Во фокусот на разговорите на Пендаровски со косовскиот државен врв биле актуелни теми од билатералните односи, како и европската перспектива на С Македонија и на Косово. На засебните средби со Османи и Курти, македонскиот претседател разговарал и за актуелните состојби во регионот, вклучувајќи го и дијалогот Белград–Приштина
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина се сретна со својата косовска колешка Вјоса Османи-Садриу и со премиерот Албин Курти, во рамките на својата работна посета на Косово.

Во фокусот на разговорите на Пендаровски со косовскиот државен врв биле севкупната соработка меѓу двете држави, актуелни теми од билатералните односи, како и европската перспектива на С Македонија и на Косово. На засебните средби со Османи и Курти, македонскиот претседател разговарал и за актуелните состојби во регионот, вклучувајќи го и дијалогот Белград–Приштина.
„Во тој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици на глобално ниво, од голема важност за стабилноста на Западен Балкан е изнаоѓањето на решенија на отворените прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање“,
се наведува во соопштението на кабинетот на Пендаровски.

Меѓу другото, Пендаровски на средбите со косовските претседателка и премиер го повторил ставот за поддршка на евроатлантските аспирации на Косово, како и активно пристапување на Косово кон постојните регионални иницијативи и форуми. Во оваа насока, нагласил дека С Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси на патот кон ЕУ, и во однос на членството во НАТО-алијансата.