Претседателот Стево Пендаровски денеска во Софија оствари трилатерална средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен и претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата било разговарано за текот на европските интеграции на Северна Македонија и натамошните фази во преговорите, како и за енергетската криза со чии предизвици се соочува Европа.

Претседателот посочил дека Северна Македонија очекува поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза и ја истакна важноста од меѓусебна поддршка за јакнење на регионалната енергетска безбедност.
Претходно Пендаровски имаше средба со Фон дер Лајен, а се очекува и посебна средба со Радев. Според агендата на претседателот, тој ќе го посети и местото каде се случи автобуската несреќа во која загинаа 45 македонски граѓани на автопатот „Струма“.