Шефот на државата вели дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и оти можно е наскоро да се договорат за одржување на изборите во ист временски период

Претседателот Стево Пендаровски смета дека исходот од декемврискиот Самит е јасен каков ќе биде, со оглед дека предусловот што Северна Македонија го има во европската преговарачка рамка не можеме да го исполни.
„Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, ништо не се промени во таа насока. И јасно e дека на декемврискиот Самит не може да има позитивна одлука за нас“,
порача шефот на државата по новинарско прашање за очекувањата од Самитот на лидерите на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во декември.
Пендаровски смета дека условот не се исполнува, а овој месец завршува скринингот и, како што истакна, тоа беше главниот предуслов да продолжи земјава со втората конференција.
Прашан дали смета дека власта и опозицијата ќе се договорат околу датумот на изборите и дали според него претседателските и парламентарните избори ќе бидат заедно или одвоено, шефот на државата кажа дека ставовите се приближуваат и оти можно е наскоро да се договорат за одржување на изборите во ист временски период.
„Мислам дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и веројатно наредните денови ќе имаме и официјална објава дека е постигнат договор за одржување на парламентарните и на претседателските избори во ист временски период“,
кажа Пендаровски.
За неговото кандидирање за втор мандат на идните претседателски избори, Пендаровски рече дека премногу е рано да каже нешто околу тоа и дека за тоа ќе размислува по Нова година.