Не станува збор за нов француски предлог, туку за модификација на претходниот, порача шефот на државата Стево Пендаровски од Мадрид, по прес-конференцијата на францускиот претседател Емануел Макрон. Во изјава за ТВ Сител, Пендаровски рече дека модификуваниот предлог е далеку подобар, но одби да открива повеќе детали.
„Дали е тоа доволно добро засега ќе се воздржам, бидејќи сакам тоа да помине еден поширок круг на консултации кои за жал на препорака на нашите сојузници не ги правевме минатиот пат за да не ја загрозиме, како не замолија тие, сензитивноста на процесот. Мораме да ги искомуницираме граѓаните, луѓето, политичките субјекти затоа што знаете ние се обидуваме да направиме договор кој ќе трае. Не можеме да стоиме за договор кој не ни дава ништо во рака. А во рака мораме да имаме гаранција за македонскиот идентитет и гаранција дека никогаш јазик, националност нема да биде споменато никаде од сега па во иднина било колку и да траат преговорите“
порача Пендаровски, кој учествува на Самитот во Мадрид.
Според Пендаровски, гаранциите се очекува да бидат не само од Софија, туку од ЕУ и Брисел, инаку во спротивно, како што вели, не би можеле да влеземе во процесот.
„ На две-три места во предлогот има модификации кои тие ги направија во консултација со двете страни. Меѓутоа, ние рековме да не ја повториме грешката од минатиот пат, не може никој – не претседател, не премиер – никој не може да зборува во име на цела нација, на цела држава, постојат надлежни институции кај нас. Ние не сме не знам која држава од трети, четврти свет. Мораме тоа што е сега модификуван француски предлог да го искомуницираме, се разбира прво во Владата, коалициските партнери да си го искомуницираат, мора да се искомуницира со македонската јавност и мора да се искомуницира со македонскиот парламент“
изјави Пендаровски.
Во однос на позициите на Софија за модификуваниот предлог, Пендаровски вели дека има резерва поради хаотичната политичка ситуација во Бугарија. Според него, сега нашата Влада треба веднаш да излезе и да ги поздрави напорите на француското претседателство и да каже кои се следните фази кај нас.
„Тоа е што е најважно, повторувам, не битно што француското претседателство завршува денес, битно е тоа што францускиот предлог и вака модификуван продолжува да живее и ќе го преземе чешкото претседателство. Тоа е што се однесува до некаков континуитет на европските политики кон нас. Значи, нема да почнуваат Чесите од утре натаму од нула како да ништо не се случило. Немој да заборавите дека одредени важни компоненти, пример билатерални или унилатерални изјави за нашиот јазик кој ги предвидуваше португалскиот предлог се во одредена форма исто содржани и во овој т.н. француски предлог“,
додаде Пендаровски.