Ваквата порака беше одговор на обвинувањата на Мицкоски дадени претходно во Василево дека Пендаровски не си ја знаел земјата, дека пет години заборавил на Македонија и дека за време на петгодиншниот мандат ниту еднаш не дошол во општина како што е Василево за да праша со какви проблеми се соочуваат граѓаните
Христијан Мицкоски да набави „џи-пи-ес“ за неговата кандидатка, му порача претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на средба со граѓаните во Кавадарци. Ваквата порака беше одговор на обвинувањата на Мицкоски дадени претходно во Василево дека Пендаровски не си ја знаел земјата, дека пет години заборавил на Македонија и дека за време на петгодинишниот мандат ниту еднаш не дошол во општина како што е Василево за да праша со какви проблеми се соочуваат граѓаните.
„Точно 80 илјади километри поминав во овие пет години со моите соработници и не постои ниедна општина и ниедно населено место кај што не сум бил. А во мојот кабинет во изминативе пет години, имав проект Отворен кабинет, беа 4,5 илјади луѓе. Мојот кабинет е за секого, за секого, не смее да биде изолиран само за некоја од елитите. Неговата кандидатка не си ја знае земјата, да не ве враќам на сцени од пред пет години, сакам да бидам коректен во тој дел. Кога нејзиниот партиски лидер мене ме обвинува дека не си ја знам државата, јас му велам нека набави џи-пи-ес за неговата кандидатка“,
рече Пендаровски.
Тој му одговори на Мицкоски и на обвинувањата дека не им бил претседател на сите, туку само на оние кои што го гласале.
„Слушнав денеска дека ме критикувал за она во Делчево, дека сум им рекол да победиме во прв круг, не сум сакал да ги видам во втор круг. Не ме разбира, освен што не разбира шега. Јас му велам ние ќе го победиме во прв круг, ќе нема втор круг“,
порача Пендаровски вечерва пред кавадарчани.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска пред граѓаните на општина Василево го нападна шефот на државата и претседателски кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, дека не е претседател на сите граѓани, како што се претставувал, туку дека бил претседател само на оние кои го гласале и тоа отворено го кажувал. Според него, неверојатно е тоа што Пендаровски им се обраќа на луѓето на митинзи со зборовите „ако не ме гласате, не ме барајте“.
Тој истакна дека Пендаровски пет години заборавил на Македонија и дека за време на петгодинишниот мандат ниту еднаш не дошол во општина како што е Василево за да праша со какви проблеми се соочуваат граѓаните.