Претходно денеска, актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски на прес-конференција ја најави својата граѓанска кандидатура за претседател и ги повика сите граѓани да го поддржат и да се потпишат за него во подрачните единици на ДИК
Откако ја објави својата кандидатура за втор мандат, актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски денеска до Државната изборна комисија (ДИК) доставил иницијатива за собирање потписи за претседателската кандидатура.

За ова вечерва информираа од ДИК од каде соопштија дека потписите ќе се собираат во сите подрачни одделенија и канцеларии на Комисијата на целата територија на државата.
Претходно денеска, Пендаровски на прес-конференција ја најави својата граѓанска кандидатура за претседател и ги повика сите граѓани да го поддржат и да се потпишат за него во подрачните единици на ДИК. Воедно изрази очекување дека в недела, на 3 март, СДСМ ќе ја формализира својата поддршка за неговата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и другите десетина политички партии од таа коалиција.
Наведувајќи ги причините поради кои одлучил да се кандидира за втор претседателски мандат, меѓу другото, Пендаровски рече дека зад себе има мандат без ниедна стратегиска грешка, корупциска афера и без ниеден случај на непотизам и судир на интереси поврзан со него и неговото семејство.