„Ќе се согласиме дека за сите пратеници, министри, членови на ВМРО-ДПМНЕ, додавката Северна е неприфатлива. Тие во ниту еден свој јавен настап немаат кажано Северна Македонија, што е уставното име на нашата држава. А, примаат плата и во Собрание и во локална самоуправа, под тоа име, Северна Македонија. Ако не признаваш Северна, го оспоруваш Преспанскиот договор. Јас велам во ред, што е алтернативата“, вели актуелниот претседател и кандидат за втор мандат
Анкетите кои ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат, рече вечерва актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, во гостување во Дневникот на ТВ Сител, одговарајќи на прашањето како стојат бројките од анкетите во однос на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, постојано вели дека нивниот кандидат ќе води со над 100 илјади гласови, без притоа да каже каков ќе биде соодносот во вториот круг. Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг“,
вели тој.
Условот еден кандидат да победи во првиот круг, потсетува Пендаровски, е за него да гласаат 50 проценти плус еден граѓанин, од сите запишани во избирачкиот список,
„Тоа значи околу 900 илјади граѓани, еден човек да добие е апсолутно невозможно“,
вели Пендаровски.
Според него, постои висока компатибилност на партиското гласачко тело со еден кандидат кој не е член на таа политичка партија. Тоа било случај и во 2014 година, вели тој, одговарајќи на прашањето дали поддршката од СДСМ оди во негова корист.
„Со слична коалиција зад себе освоивме 93 илјади гласови во првата единица. Тоа се случи и во 2019 година“,
рече тој.
Актуелниот претседател вели дека клучно за да се кандидира за втор мандат било она што како поддршка го добива од граѓаните, од невладиниот секторт, од обичните граѓани и од оние што сметаат дека изминативе пет години имал солиден претседателски мандат.
Шефот на државата смета дека некои од кандидатите се обидуваат да наметнат и да предложат ревизија на фундаменталните документи на кои почива внатрешната кохезија во државата, како Рамковниот договор и на договорите со кои станавме членка на НАТО и држава која преговара со ЕУ, како Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија.
„Ќе се согласиме дека за сите пратеници, министри, членови на ВМРО-ДПМНЕ, додавката Северна е неприфатлива. Тие во ниту еден свој јавен настап немаат кажано Северна Македонија, што е уставното име на нашата држава. А, примаат плата и во Собрание и во локална самоуправа, под тоа име, Северна Македонија. Ако не признаваш Северна, го оспоруваш Преспанскиот договор. Јас велам во ред, што е алтернативата“,
вели тој.
Тој објаснува дека низ пародија покажал и кажал дека ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ ако ги внесат Македонците во бугарскиот устав.
„За една сериозна тема морав да кажам, луѓе, дајте предложете нешто друго. Светските велесили не би можеле да го променат Уставот на Бугарија“,
вели шефот на државата.
Очекува да добие поддршка од сите етнички заедници зашто, како што вели, никој не може да стане претседател ако не добие широка граѓанска поддршка. Ова е неговиот одговор на прашањето дали во вториот круг од претседателските избори очекува поддршка од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„На изборите ја очекувам поддршката од сите етнички заедници и од сите политички партии кои се репрезенти на тие етнички заедници. Многупати сум кажувал, тоа и го тврдам – не можеш да станеш претседател ако не те поддржат сите, во една значајна бројка“,
рече тој.
Пендаровски повтори и една парола, за која вели дека ја кажал и во 2019 година, односно дека една од главните задачи кога ќе стане претседател ќе биде да го штити политичкото малцинство од евентуални злоупотреби на политичкото мнозинство, за што смета дека е нужно еден претседател да го прави, оти токму преку тоа покажува дека е претседател за сите.
