Претседателите на земјите од Централна и Источна Европа и даваат целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараат од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваат сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина
Претседателите на земјите од Централна и Источна Европа, меѓу кои и претседателот на С Македонија, Стево Пендаровски денеска преку заедничка изјава повторно изразија поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Тие во изјавата потенцираат дека не можат да молчат пред „фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Русија“ и дека никогаш нема да ги признаат руските обиди за анектирање на која било украинска територија.

„Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија. Цврсто стоиме на одлуката од НАТО Самитот во 2008 година во Букурешт за членството на Украина во иднина“,
се вели во заедничката изјава.
Понатаму се додава дека претседателите на земјите од Централна и Источна Европа и даваат целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараат од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваат сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина.
„Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата“,
порачуваат шефовите на држави во заедничката изјава.
Во заедничката изјава, покрај претседателот Стево Пендаровски учествуваат, претседателот на Чешка, Милош Земан; претседателот на Естонија, Алар Карис; претседателот на Летонија, Егилс Левиц; претседателот на Литванија, Гитанас Науседа; претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ; претседателот на Полска, Анджеј Дуда; претседателот на Романија, Клаус Јоханис и претседателката на Словачка, Зузана Чапутова.
Пендаровски вчера за време на посетата на Софија, одговарајќи на новинариски прашања го осуди анектирањето на четирите украински региони од страна на Русија, додавајќи оит се надева дека ваквата постапка е знак на слабост на рускиот претседател Путин.
Рускиот претседател, Владимир Путин во петокот ги потпиша документите за соединување на самопрогласените народни републики Донецк, Луганск и Херсонската и Запорошката област со Русија. Покрај Путин, документите ги потпишаа и проруските лидери на овие региони инсталирани во Москва.