Што би се случило кога Хрватска би ги довела во прашање црногорскиот или бошњачкиот јазик. Тешко можеш некому да му го одземеш правото да се нарекува со одредено име и јазикот да го нарекува со одредено име, коментираше хрватскиот претседател на заедничка прес-конференција со македонскиот претседател во Загреб
Од историчари што се занимаваат со политика, полоши се само политичари што се обидуваат да толкуваат историски епохи. Жалам за длабоко погрешните изјави на португалската министерка, која ги поткопа напорите што нејзиниот колега во истата влада, Аугусто Сантос Силва, ги правеше месеци наназад, за на крајот тоа шестмесечно претседателство да излезе со одличен балансиран предлог, кој водеше сметка за виталните национални интереси и на С Македонија и на Бугарија, оцени македонскиот претседател Стево Пендаровски по денешната средба во Загреб со својот хрватски колега Зоран Милановиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закаријаш, Пендаровски оцени и дека добрата вест е што португалското претседателство заврши и што утре Словенија го презема шестмесечното претседателствување со ЕУ.
„Јас се надевам дека нашите пријатели од Словенија во следните шест месеци ќе продолжат по истата патека, со должно уважување на виталните национални интереси на двете страни“,
рече Пенмдаровски.
Милановиќ оцени дека сите вакви прашања во суштина се внатрешнополитички и нагласи дека во овој случај станува збор за правото на сопствен идентитет.
„Еве, да повлечам една паралела, што би се случило кога Хрватска би ги довела во прашање црногорскиот или бошњачкиот јазик. Тешко можеш некому да му го одземеш правото да се нарекува со одредено име и јазикот да го нарекува со одредено име. Што би се случило кога ние тоа би го оспориле. Погрешно е и неморално е. Кога ќе почнете да влегувате во интимниот простор на една држава, тоа никогаш не завршува добро. Посебно ако мотивите се ниски и опортунистички“,
рече Милановиќ.
Според него, изјавата на министерката на Португалија е, пред сѐ, резултат на незнаење и невнимателност.
„Јас не сакам да бидам невнимателен и со своите изјави да ѝ наштетам на С Македонија,. Тоа не е моја намера ниту желба. Ова е потполно неважно прашање за португалската надворешна политика ниту јас би коментирал за некои територијални спорови помеѓу Португалија и Шпанија. Проблемот на Бугарија, но и на Романија, е Шенген. Ако е тоа начинот Бугарија да привлече внимание за да стане што побрзо членка на Шенген, не мислам дека е тоа ефективен начин. Мислам дека треба што побрзо трите земји (Бугарија, Романија и Хрвтска н.з.) да влезат во Шенген-зоната“,
рече Милановиќ на заедничката прес-конференција со Пендаровски, кој престојува во официјална посета на Хрватска.