Истакнувајќи дека С Македонија придава особено значење во развојот на односите со САД, Пендаровски изразил уверување дека американската поддршка ќе продолжи и во претстојниот период, како гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан
Шефот на државата Стево Пендаровски денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Прај Агелер. На средбата, како што информираат од претседателскиот кабинет, меѓу другото, биле разменети мислења за евроинтегративниот процес на земјава и следните чекори што треба да се преземат во таа насока.

На средбата било посочено дека билатералните односи меѓу двете земји се одвиваат со одлична динамика, согласно долготрајното македонско-американско пријателство и стратешко партнерство и сојузништво во НАТО.
„Соговорниците разменија мислења и информации за одвивањето на евроинтегративниот процес и за следните чекори кои треба да бидат преземени во таа насока, како и за состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина“,
се наведува во соопштението за средбата.
Истакнувајќи дека С Македонија придава особено значење во развојот на односите со САД, Пендаровски изразил уверување дека американската поддршка ќе продолжи и во претстојниот период, како гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.
Средбата меѓу Пендаровски и Агелер доаѓа во пресрет на пленарната седница на Собранието закажана за 18 август, на која треба да почне расправата за амандманите за уставните измени. Измените, со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во Унијата, што земјава ги почна лани во јули.
За потребата од донесување на уставните измени, како еден од првите чекори за отворање на Уставот, потребно е двотретинско мнозинство, односно гласовите на 80 пратеници, кои владејачкото мнозинство засега ги нема, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврство останува на ставот дека нема да поддржи „уставни измени под бугарски диктат“.