Во врска со мастер дебатата, како што појасни Кузеска, веќе е контактирано со изборните штабови на другите кандидати и засега никој не ја отфрлил идејата, но конечен одговор не стигнал од никого. Трошоците поврзани со организацијата на оваа мастер дебата би се поделиле еднакво на сите штабови, а како што велат од ИШ на Пендаровски, целта е на дебатата да присуствуваат сите седум кандидати
Конвенцијата со која ќе биде одбележан стартот на изборната кампања за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалициските партнери, и на која тој ќе ја претстави својата програма, ќе се одржи на 3 април. Кампањата на Пендаровски, како што информираа на денешниот брифинг за новинари од неговиот изборен штаб (ИШ), ќе биде пред сè граѓанска, позитивна, европска и транспарентна, со почит кон сите кандидати за претседател. Пендаровски во текот на целата кампања ќе биде на терен со граѓани од различни целни групи, додаваат од неговиот ИШ.
„Претседателот Пендаровски ќе води европска и позитивна кампања. Не би било фер кон граѓаните да ја трошиме својата енергија на напади и навреди и ќе се обидеме да одолееме на истите кои би доаѓале од противничките табори. Пендаровски ќе организира ифтарска и велигденска вечер на која ќе бидат поканети сите кандидати, а како новина, предлагаме на почетокот и на крајот од кампањата во првиот круг да се одржи по една мастер дебата меѓу кандидатите и тоа на неутрален терен“,
информира Богданка Кузеска од ИШ на Пендаровски.
Во врска со мастер дебатите, како што појасни Кузеска, веќе е контактирано со изборните штабови на другите кандидати и засега никој не ја отфрлил идејата, но конечен одговор не стигнал од никого.
„Нашата идеја е мастер дебатата да се одржи на неутрален терен, дали тоа ќе биде некоја државна институција, сè уште не сме прецизирале. Оваа дебата би се одржала според сите светски стандарди и правила на дебата и би траела три часа. Сите кандидати ќе можат да ја изложат својата програма и да се претстават пред граѓаните. Секој кандидат ќе може да си донесе и своја публика, а ќе бидат присутни и сите медиуми кои ќе пројават интерес. Прашања ќе може да поставуваат од публика и секако, медиумите, а предност ќе имаат националните. Дебатата ќе ја води модератор за кој сите ќе постигнат согласност. Сметаме дека на граѓаните веќе им е преку глава од црна кампања и дека оваа мастер дебата би била чекор понапред во демократијата“,
истакна Кузеска.
Трошоците поврзани со организацијата на оваа мастер дебата би се поделиле еднакво на сите штабови, а како што велат од ИШ на Пендаровски, целта е на дебатата да присуствуваат сите седум кандидати. Во фаза на размислување се дали таа да се одржи доколку, на пример, двајца кандидати одлучат да не дојдат.
Кампањата на Пендаровски ќе биде двојазична и на знаковен јазик. Ќе биде отворен и штаб во центарот на Скопје кој ќе работи 24 часа и ќе биде достапен за сите граѓани и медиуми, додаваат од неговиот ИШ.