Претседателот Стево Пендаровски со нови укази ги поништи указите од неговиот претходник Ѓорѓе Иванов за унапредувања и именувања во Армијата донесени во предизборен период. Поништувањето доаѓа откако Антикорупциската комисија констатираше дека Иванов преземал дејствија забранети за време на изборен процес и со тоа го прекршил Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Спорните укази на Иванов беа објавени во „Службен весник“ на 26 февруари, при веќе распишани претседателски избори.
Дел од именувањата, Пендаровски во исто време ги отповикува и со нови укази повторно истите кадри ги поставува на истите позиции.
Иако беше унапреден во изборен период, Пендаровски не можел да му го одземе новиот чин на Началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, бидејќи во Законот за одбрана, како што велат од Кабинетот на ПРСМ, нема законска основа за такво нешто освен ако не стори кривично дело или тешка дисциплинска повреда. Ѓурчиновски од Иванов доби унапредување од чин генерал-мајор во генерал-потполковник.
Ова се указите на Пендаровски:
- Бригадниот генерал Јордев Драган Орце со указ се разрешува и се поставува за заменик на командантот на Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија;
- Бригадниот генерал Ѓоргоски Тито Мирче е отповикан од воен претставник на Република Северна Македонија при НАТО во Брисел, Кралство Белгија;
- Разрешен е полковник Ковачки Ѓорѓи Драган од командант на 1. Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија;
- Полковник Емини Сабедин Бесник е разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и се поставува за командант на 1.Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија;
- Полковник Јуришиќ Мирослав Маријо со указ се отповикува и се поставува за одбранбено аташе на Република Северна Македонија во Париз, Република Франција.
За проблематичните именувања на Иванов, „360 Степени“ информираше во март годинава. Тогаш од Кабинетот на Иванов тврдеа дека станува збор за редовна обврска која е во делокругот на непречено функционирање на државата. Во продолжение, погледнете ја сторијата на „360 Степени“ објавена на 4 март годинава што беше основа за постапување на Антикорупциската комисија.