Унапредувањето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе придонесе за напредокот, стабилноста и безбедноста на целиот регион. Ова било констатирано на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со Доника Грвала-Шварц, заменик-премиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата било изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави кои се пријателски, динамични, засновани на меѓусебно почитување. Соговорниците го реафирмирале интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската, давајќи поддршка за агендата на активности меѓу владите на двете држави во наредниот период. Пендаровски и Грвала-Шварц разговарале и за актуелностите во регионот, соработката и евроинтеграциите.
Пендаровски ја реафирмирал поддршката во однос на дијалогот помеѓу Косово и Србија подвлекувајќи дека секој постигнат резултат треба да биде насочен кон јакнење на регионалната стабилност и безбедност.
На средбата биле разменети информации и мислења за ширењето на делта сојот на ковид -19 вирусот, темпото на вакцинација на граѓаните, како и справувањето со последиците од пандемијата во двете земји.