Според претседателот на државата компетицијата на двата процеси може да предизвика поделби во регионот бидејќи, како што истакна, во Отворен Балкан учествуваат половина, односно само три од вкупно шесте држави од регионот на Западен Балкан
Претседателот на државата Стево Пендаровски, иако ги оцени како корисни, го повика Брисел да направи „приоритизација“ меѓу двете економски иницијативи во регионот на Западен Балкан – Отворен Балкан и Берлинскиот процес, бидејќи во спротивно компетицијата меѓу двете може да предизвика поделби во регионот.

Поделбата, како што посочи Пендаровски, доаѓа од фактот што во Отворен Балкан учествуваат само три од шесте држави од регионот на Западен Балкан.
Според претседателот, ако одговорните и надлежните во Брисел не го направат тоа, ние на Балканот никогаш нема да го направиме.
„Во економијата постои компетиција меѓу две иницијативи – Отворен балкан и Берлинскиот процес. Отворен Балкан е активен и работи веќе три години, но Брисел пред три месеци го враќа на голема врата Берлинскиот процес, а со последната конференција порача дека сака да биде промовиран во чадор организација во која другите ќе бидат само компонента. Двете иницијативи се корисни, меѓутоа мора да повикам до одговорните и надлежните во Брисел да направат приоритизација меѓу овие две работи затоа што ако тие тоа не го направат во Брисел ние на Балканот тоа никогаш нема да го направиме, а на таа основа луѓето прилично се делат, меѓудругото и затоа што во Отворен Балкан само три од шесте западнобалкански држави учествуваат“,
рече Пендаровски во своето обраќање на тркалезната маса насловена насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“ што се одржа денеска во организација на Советот на амбасадори.
Берлинскиот процес е проект за економско поврзување на земјите од Западен Балкан – С Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина – кој во 2014 година го иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.
Оттогаш состаноците на земјите-учеснички, односно на сите шест земји од Западен Балкан и покровителите на процесот од ЕУ се одржуваа со променлива динамика сè до последниот самит чиј домаќин беа Берлин и актуелниот канцелар Олаф Шолц.
На него премиерите на шесте држави потпишаа три договори – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.
Берлинскиот процес има за цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан во насока на достигнување на економски раст и развој, отворена пазарна економија и забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.
Иницијативата Отворен Балкан, пак, е формално со понов датум, односно постои од 2019 година, иако идејата за неа постои уште одамна. Сепак, за разлика од Берлинскиот процес, во Отворен Балкан активно членуваат С Македонија, Србија и Албанија, додека останатите три земји од Западен Балкан и покрај повиците засега одбиваат да се приклучат.
На последниот самит на Отворен Балкан што се одржа на 14 ноември, премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама одговарајќи на новинарско прашање дали вреди да продолжи процесот на Отворен Балкан кој вклучува три од шесте земји од Западен Балкан кои се дел од Берлинскиот процес рекоа дека Отворен Балкан е компатибилен со Берлинскиот процес и треба да продолжи.
Рама, говорејќи во овој контекст беше поексплицитен, рече дека вреди да се продолжи со Отворен Балкан кој, како што кажа, е доживотен процес, за разлика од Берлинскиот кој е отворен, но не е доживотен.