
Индивидуалните постапки, евентуално спротивно на законот, не треба да ја деградираат, или да ја поништуваат целокупната работа на институцијата Специјално јавно обвинителство, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа.
„Една работа е работата на институцијата СЈО до овој момент и постапките кои ги воделе различни обвинители, не само Катица Јанева. Сосема друга работа е последниов случај за кој јас ургирам и од оваа позиција, како и да се сфати, до надлежните органи да ја процесираат што побрзо и што подлабоко за да не остави ни најмала дамка на работата на институцијата како таква. Да заклучам, СЈО беше и тоа како потребно во времето кога ги правевме демократските промени. СЈО во некаков облик, во некој дел од системот на редовно јавно обвинителство и тоа како е потребно и во наредниот период да ги процесира криминалите не само на оние што биле на власт, туку на нас што сме денеска на власт“,
вели претседателот Пендаровски во интервју за РСЕ.
Тој вели дека е разочаран од сето она што го слуша последниве денови и инсистира надлежните органи брзо да го процесуираат случајот без никаква задршка. Според него СЈО е клучната институција која покрај Преспанскиот договор, ни ги отворила вратите на ЕУ и НАТО.
На специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и е одземен мобилен телефон во истрагата „Рекет“ која ја води Обвинителството за организиран криминал. Засега осомничени и притворени се само Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец кои се товарат дека рекетирале осомничен во случај на СЈО, повикувајќи се на блискост и влијание врз „јавен обвинител“. Јанева три дена не е појавена на работа. Од СЈО за „360 Степени“ велат дека таа пред два дена отворила боледување.