Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност рече дека сите институции се отворени за корисни предлози и сугестии како да се справиме со ситуацијата
Апел да се почитуваат мерките – маска, растојание и што помалку собирања
Ситуацијата е прилично сериозна и бара максимално ангажирање од сите за да истраеме. Потребни ни се одговорност, солидарност претпазливост и почитување мерките – носење маска, дистанца и намален број дружби и семејни собори. Ве молам, направете го тоа за себе и своите најблиски.
Ваков апел денеска упати претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност, на чиј дневен ред имаше само една точка: ситуацијата со порастот на бројот на заразени и починати од ковид.
Пендаровски оцени дека во однос на мерките што досега се преземени во текот на пандемијата, дека нема нешто што е применето во други земји и што се покажало како позитивно, а да не е применето и кај нас.
Но потенцира дека разликата кај нас е во нивното почитување од граѓаните и имплементацијата на законите од државните институции.
„Во оваа пригода сакам да кажам, ниту во Владата, ниту во Министерството за здравство, ниту во Комисијата за заразни болести не е собран сиот ум во светот и секоја критика или сугестија е добредојдена, а во Владата и во институциите постои и мора да постои добра волја и подготвеност сите корисни идеи и предлози да бидат прифатени“,
рече Пендаровски и освен апелот за почитување на мерките до граѓаните упати апели и до политичарите:
„Би апелирал да не се користи ситуацијата за добивање политички поени, кога сите сме губитници со високиот број заразени“,
рече Пендаровски.
Тој на крајот им оддаде признание на сите поединци и служби во здравствениот сектор кои секојдневно работат на сузбивање на последиците од пандемијата.

На денешната седница на Советот не присуствуваше министерот за внатрешни работи кој има ковид и од вчера е хоспитализиран на Инфективната клиника.