Имаме начелна согласност дека првите шест месеци од следната година треба да дојде во Скопје и тука на лице место да се соочи, ако треба, и со гневот и со критиките од граѓаните, со пратениците, да каже што мисли, изјави шефот на државата

Шефот на државата, Стево Пендаровски, за време на престојот во Франција каде учествуваше на петтиот Париски мировен форум, побарал од неговиот француски колега Емануел Макрон да дојде во Скопје и да ѝ каже на јавноста и пратениците зошто би било добро да ги направиме уставните измени со кои ќе ги вметнеме Бугарите и другите народи во Преамбулата од Уставот.
„Сега го потсетив на тоа, му велам ’Вие формално во време на вашето претседавање ја деблокиравте таа работа, меѓутоа ние сме сега на работ на граница да отвориме уставни промени. Не би било лошо и вие да дојдете и да објасните зошто би требало да ги направиме тие промени и да во име на Европа што ја претставувавте тие шест месеци и како голем европски лидер да кажете: Немаме задна намера, стварно сакаме што побрзо да ве видиме со нас во друштво како формални членки‘. Имаме начелна согласност дека првите шест месеци од следната година треба да дојде во Скопје и тука на лице место да се соочи, ако треба, и со гневот и со критиките од граѓаните, со пратениците, да каже што мисли. Му реков Фон дер Лајен дојде и се обрати, на 29 ноември доаѓа германскиот претседател, ќе се обрати и тој“,
рече Пендаровски во вечерашното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Претходно, тој зборувајќи за процесот на уставни измени кажа и дека во овој момент максимум 74 пратеници би гласале „за“ Бугарите во Уставот, додека од ниту еден од другите не слушнал да каже дека се мисли или дека можеби и ќе гласа.
Според него, промената на Уставот со цел внесување на Бугарите во него, не е страшно и нема да ја дестабилизира државава.
„Јас сум прв за промена на Уставот за Бугарите во Устав, бидејќи не мислам дека тоа е страшно, и дека ќе ја дестабилизира Македонија. Освен Македонците, имаме и други делови од народи. Меѓутоа, ако ги немаме потребните 80 пратеници, како ќе ги направиме“,
рече претседателот.