
Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција ако се спореди што се случуваше во таа институција пред само две, три или пет години, смета претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски. Тој денеска беше брифиран од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, за состојбата со борбената готовност на Армијата во изминатата година.
„Јас можам да кажам дека сум задоволен од она што го слушнав и од она што го знам од тековното информирање, не само од овој брифинг. И тоа не се должи само на енормно зголемениот воен буџет, морам да кажам повеќе од двапати е зголемен буџетот за следната година, ако го компарирате со 2017 година. Значи буџетот за догодина ќе биде 160 милиони евра, што е апсолутен рекорд кога станува збор за одвојување на средства за воениот буџет од нашата независност, од 90-та, до денес. И велам, повеќе од двојно во однос на 2017-та и два и пол пати повеќе од претходни некои години. Значи не е само во тоа – постои едно раководство генерално, во државата и во овие ресори кое има сосема поинаква стратешка парадигма“,
изјави претседателот Пендаровски.
Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот кон претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, за состојбата на борбената готовност во Армијата.