Додека светот чека да види како враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ќе ги преобликува односите меѓу Вашингтон и Пекинг, Кина штотуку презеде решителна акција за да ја зацврсти својата позиција во Латинска Америка со тоа што отвори огромно пристаниште на перуанскиот брег кое треба да ги олесни трговијата и извозот на кинески производи во овој дел од светот

Трамп победи на претседателските избори во САД на платформа која ветува царини ви висина од 60 отсто за стоки произведени во Кина. Но, додека САД се занимаваше со сопствените претседателски избори, нешто појужно, во Перу, се создаваше ново мегапристаниште поддржано со кинески пари кое има потенцијал да создаде нови трговски патишта кои целосно ќе ја заобиколат Северна Америка, анализира Би-би-си.
На овонеделното отворање на пристаништето Чанкај присуствуваше кинескиот претседател Си Ѓинпинг, што е показател за тоа колку сериозно Кина му пристапува на ова прашање. Тој го искористи годишниот состанок на Азиско-пацифичкиот форум за економска соработка кој се одржуваше во перу за да му покаже на светот дека Кина влегува во регион кој САД традиционално го сметаат за своја сфера на влијание. Како што анализираат познавачите – Вашингтон сега ја плаќа цената за годините на рамнодушност кон своите соседи и целиот регион на Латинска Америка.
„САД беа отсутни од Латинска Америка толку долго, а Кина се пресели толку брзо што работите навистина се реконфигурираа во изминатата деценија. Гледаме директен ангажман на Кина во она што Америка го смета за свој двор, а тоа ќе биде проблематично“,
вели Моника де Боле, виш соработник на Институтот за меѓународна економија Петерсон во Вашингтон.
Пред и да биде отворен, проектот вреден 3,5 милијарди долари поддржан од кинеската државна компанија Коско Шипинг, го претвори некогаш заспаниот перуански рибарски град во логистичка сила која ќе ја трансформира економијата на земјата. Официјалниот весник на кинеската Комунистичка партија тоа го нарече „оправдување на меѓусебната соработка меѓу Кина и Перу“.

И претседателката на Перу, Дина Болуарте, ова мегапристаниште го опиша мегапристаништето „нервен центар кој ќе обезбеди точка на поврзување за пристап до огромниот азиски пазар“. Но, импликациите се многу поголеми. Откако Чанкај ќе биде целосно пуштен во употреба, се очекува стоки од Чиле, Еквадор, Колумбија, па дури и од Бразил да минуваат низ него на пат до Шангај и другите азиски пристаништа. Кина има сериозна потреба за увоз на стоки од Латинска Америка, вклучувајќи ја бразилската соја и чилеанскиот бакар. Сега ова ново пристаниште ќе го скрати времето на испорака од 35 на 23 дена. Сепак, новото пристаниште ќе придонесе и за побрз извоз на кинеска стока во овој дел од светот.
Отворањето на Чанкај дополнително ги загрижи воените кругови во Вашингтон зашто ова пристаниште може да прими и кинески воени бродови. „Кина игра на долги патеки со инфраструктурниот развој на локации и објекти со двојна употреба низ целиот регион“, велат извори од Пентагон.