Специјалниот пратеник за евроазиски прашања Ли Хуи во вторникот и средата беше во посета на Киев, каде што разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со министерот за надворешни работи на земјата и со други високи државни функционери за можностите и начините за ставање крај на украинско-рускиот конфликт со политичко решение, велат од кинеското Министерство за надворешни работи
Специјалниот пратеник на Пекинг за време на посетата на Киев оваа недела истакна дека нема лек за војната во Украина, но ги повика сите страни вклучени во конфликтот да создадат услови за мировни преговори, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Специјалниот пратеник за евроазиски прашања Ли Хуи во вторникот и средата беше во посета на Киев, каде што разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со министерот за надворешни работи на земјата и со други високи државни функционери за можностите и начините за ставање крај на украинско-рускиот конфликт со политичко решение, наведуваат од Министерството за надворешни работи на Кина, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
„Кина е подготвена да ја поттикне меѓународната заедница да создаде најголем заеднички именител за решавање на украинската криза и да ги вложи своите напори за запирање на борбите и прекин на огнот и враќање на мирот што е можно поскоро… Кина отсекогаш играла конструктивна улога во ублажувањето на хуманитарната ситуација во Украина на свој начин и ќе продолжи да ѝ дава помош на Украина во рамките на нејзините можности“,
се вели во соопштението.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба, како што соопштија вчера од Министерството, на средбата со Ли порачал дека Киев нема да прифати никакви предлози за прекин на војната кои вклучуваат губење територии или замрзнување на конфликтот.
Специјалниот пратеник на Пекинг, Ли Хуи, кој е поранешен кинески амбасадор во Русија, во текот на неколкудневната турнеја е предвидено да ги посети и Полска, Франција, Германија и на крајот Русија.
Тој е највисокиот кинески функционер што ја посетил Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
За време на посетата на Ли на Киев се разговараше и за билатералните односи, а двете страни се согласија да работат на одржување на меѓусебното почитување и да продолжат со заемно корисна соработка, велат од кинеското Министерство за надворешни работи.
Двете влади се согласија дека неодамнешниот телефонски разговор меѓу претседателот Си Ѓинпинг и Зеленски ја истакнал насоката на развојот на односите.
Кина се воздржува од осуда на Москва за војната во Украина и не зборува за „инвазија“, што предизвикува критики од европските земји и од САД, кои го доведуваат во прашање кредибилитетот на Пекинг како потенцијален посредник меѓу завојуваните страни.