Тој додаде дека од докторите било препорачано во наредните седум дена да направи уште една контрола, а опсервацијата на Клиниката да продолжи во наредните два до три месеци во случај да не се пропушти нешто

Пациентите што вчера беа испишани од Клиниката за токсикологија, вклучувајќи го и 19-годишниот Јован Костадинов, ќе бидат под опсервација на докторите во наредните два до три месеци. Ова денеска го изјави директорот на Токсикологија Андон Чибишев кој на прес-конференција во одговор на новинарско прашање објасни за здравствената состојба на Јован, кој во пожарот во „Пулс“ во Кочани спаси 21 лице.
„Јован беше примен на Клиниката за токсикологија заради белодробни потешкотии, односно експозиција или вдишување на зголемени концентрации на јаглероден моноксид. Третиран е седум дена, сосема добро ја прифати терапијата, во подобрена општа клиничка состојба вчера е пуштен на домашно лекување со комплетно референтни лабораториски и токсиколошки анализи“,
рече Чибишев.
Тој додаде дека од докторите било препорачано во наредните седум дена да направи уште една контрола, а опсервацијата на Клиниката да продолжи во наредните два до три месеци во случај да не се пропушти нешто.
„Си отиде дома нашиот херој“,
рече Чибишев за младиот Јован.
Јован денеска во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница беше пречекан со аплауз, а видео од пречекот беше споделено на Фејсбук.
Веста ја објави и министерот за здравство Арбен Таравари на својата Фејсбук страница.