Партијата за движење на Турците ја поддржува идејата за широк проевропски фронт, но притоа инсистираме на проактивна улога и на помалку бројните етнички заедници, кои во никој случај не смеат да бидат маргинализирани во овој процес, велат од ТХП, која е дел од владејачката коалиција и чиј лидер Енес Ибрахим е пратеник во Собранието

Партијата за движење на Турците-ТХП ја поддржува идејата за широк проевропски фронт, а се согласува и со евроинтеграцискиот процес кон кој се движи државата.
„Партијата за движење на Турците ја поддржува идејата за широк проевропски фронт, но, притоа инсистираме на проактивна улога и на помалку бројните етнички заедници, кои во никој случај не смеат да бидат маргинализирани во овој процес“,
се наведува во соопштението испратено од партијата.
Оттаму наведуваат дека на Централното собрание на Партијата за движење на Турците, освен што разговарало за планираните активности за тековната година, дискутирало и за актуелната политичка состојба во земјава.
„Централното собрание на ТХП недвосмислено дава поддршка на евроинтеграцискиот процес, а и опозицијата ја повикува на рационален и државнички однос кон ова прашање. Со државнички одлуки Република Северна Македонија ја поставивме на вистинските шини кои водат кон ЕУ, а сега останува во најбрз можен рок да стигнеме кон целта“,
се додава во соопштението.
Партијата за движење на Турците е дел од владиното мнозинство. Претседател на партијата е Енес Ибрахим, кој е и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
За создавање т.н. фронт за Европа зборува лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбите со членството и граѓаните што се организираат последните неколку недели. Идејата тоа да биде предизборна коалиција за следните избори не ја отфрлаат од СДСМ.
