Според пресекот на резултатите до 8 часот утринава по локално време и обработени 78 отсто од гласовите, за партијата „Прогресивна Бугарија“ на Румен Радев гласале 1 099 834 граѓани, што е 44,4 отсто од вкупниот број на гласови
Партијата на поранешниот бугарски претседател Румен Радев убедливо води на изборите во Бугарија.

Според пресекот на резултатите до 8 часот утринава по локално време и обработени 78 отсто од гласовите, за партијата Прогресивна Бугарија на Радев гласале 1 099 834 граѓани, што е 44,4 отсто од вкупниот број гласови, објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија.
Втора е коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ со освоени 13,6 отсто од гласовите или во апсолутни бројки 337 534 гласови. Веднаш зад неа, според досега обработените резултати е партијата ГЕРБ-СДС со освоени 325 989 гласови или 13,1 отсто од вкупниот број на гласови.
Четвртопласирана е партијата Движење за права и слободи – ДПС со освоени 5,8 отсто од досега обработените гласови. За партијата Преродба гласале 109 586 граѓани, што е 4,4 отсто од вкупниот број на гласови. Процентот е малку над изборниот праг за парламентарни избори во Бугарија кој изнесува 4 проценти.
Овие пет партии обезбедуваат сигурен влез во парламентот на Бугарија.
Според Изборниот законик на Бугарија, Централната изборна комисија мора да ги објави добиените гласови и распределбата на мандатите меѓу партиите и коалициите најдоцна четири дена по денот на изборите, а имињата на избраните пратеници најдоцна седум дена по денот на изборите.
