Да ја донесеме промената што недостигаше 20 години. Самоопределување, се разбира, не може да седи со скрстени раце, кажа советникот на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку
Претседателот на Демократското движење Изет Меџити денеска, на отворањето на заедничките канцеларии на Европски сојуз за промени, информираше дека на опозициските партии на Албанците од денеска им се приклучува уште една партија, а тоа е Движењето Самоопределување.
Според Меџити, изборната програма сега се работи заедно, канцелариите се заеднички, кампањата ќе биде заедничка и на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување.
„Од денеска Европскиот сојуз за промени се состои од четири политички партии. Тоа значи дека во овие четири е и Самоопределување, тие ќе бидат дел од пратеничките листи, значи ќе има член, претставник на Самоопределување“,
рече Меџити.
Советник на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку, потврди дека Движењето Самоопределување ќе биде четвртиот столб на опозициските партии на Албанците.
„Овде сум денес да ја иницираме нашата соработка како Самоопределување, еден вид четврти столб на оваа коалиција веќе формирана овде, за да ја донесеме промената што недостигаше 20 години. Самоопределување, се разбира, не може да седи со скрстени раце“,
рече Ќоку.
Ќоку ги повика претставниците на Алијансата за Албанците да им се приклучат на опозициските партии на Албанците и додаде дека како поранешен член на Алијанса за Албанците „го познава опозицискиот дух“ на оваа партија.