Во однос на јавните коментари и шпекулациите во кои фокусот се става на временската рамка за преземање на дејствијата во овој предмет, додаваат оттаму, сметаме дека е неопходно да се истакнат одредени датуми што го следат постапувањето во предметот, со што јавноста ќе може да оцени дека предметот „Феникс“ е воден согласно закон и соодветно на доказите
Јавното обвинителство ги повика политичките партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот „Феникс“, како и кое било друго постапување на Обвинителството.
„Ги потсетуваме сите политички чинители на пораката што во овој контекст пред само неколку дена ја упати американскиот Стејт департмент -‘лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата’. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавниот обвинител кој постапува во предметот преземаат дејствија за обезбедување докази, целосно водејќи се од начелата на правичност и заштитата на пресумпцијата на невиност“,
се наведува во соопштението на ЈО.
Во однос на јавните коментари и шпекулациите во кои фокусот се става на временската рамка за преземање на дејствијата во овој предмет, додаваат оттаму, сметаме дека е неопходно да се истакнат одредени датуми што го следат постапувањето во предметот, со што јавноста ќе може да оцени дека предметот „Феникс“ е воден согласно закон и соодветно на доказите.
„Имено, доказот што беше неопходен во оваа кривична постапка – материјално-финансиското вештачење, што по наредба на предметниот обвинител го изготви судски вештак, е примено на 01.06.2023 година. До јавниот обвинител документот е доставен на 05.06.2023 година. По негово проучување, во корелација со претходно обезбедените докази, на 12.06.2023 година јавниот обвинител до МВР веќе достави Наредба со насоки за подготовка на сите потребни мерки за реализација на кривичниот предмет. На 29.06.2023 година околу 11 часот, јавниот обвинител телефонски беше известен дека едно од осомничените лица е запрено на граничен премин во обид да ја напушти државата. Поради тоа, итно беше неопходно да започнат процесни дејствија соодветни на обидот за напуштање на државата, кој факт беше образложен од предметниот јавен обвинител и на одржаната прес конференција. Според тоа, јавниот обвинител очигледно не можел да знае кога некое од осомничените лица ќе биде запрено при обид да ја напушти државата со што ќе иницира неопходност за брзо дејствување“,
велат од обвинителството.
Воедно, Јавното обвинителство ги осудува сите обиди за јавна лична дискредитација на обвинителот кој максимално посветено и професионално постапува во предметот.
Купувањето на 11 споменици изработени од иста фирма од Италија, меѓу кои е и „Воинот на коњ“ кој доминира на централниот плоштад во центарот на Скопје, е предмет на најновата истрага под кодно име „Феникс“ што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Станува збор за зделки во кои, според обвинителството, во земјава спомениците се тендерирале по една вредност, а потоа во Италија се плаќале по драстично помали цени.
Листата осомничени во случајот „Феникс“ ја сочинуваат 15 физички и пет правни лица. Прв е експремиерот Никола Груевски, додека втор е неговиот кум, но и вицепремиер и министер за финансии во неговата влада, Зоран Ставрески. Третоосомничена е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Листата понатаму продолжува со бившиот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, како и двајца поранешни градоначалници на оваа општина – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова.
Тука се и екссекретар на Центар, сопственици и управители на фирми кои биле дел од тендерите, а има и еден италијански државјанин.
Од осомничените седум фирми, пак, четири се од земјава, а три од Италија.
Кривичните дела кои се предмет на истрагата се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.