Според последните анкети на јавното мислење во Бугарија, владејачката партија на премиерот Бојко Борисов – ГЕРБ има водство од 8,5 отсто пред најголемата опозициска партија БСП, односно за ГЕРБ се изјасниле 28 отсто од избирачите, а за БСП 20 отсто
Во Бугарија денеска се одржуваат парламентарни избори, а во трката за 240-члениот бугарски парламенти се натпреваруваат 6 895 кандидати, предложени од 30 партии и коалиции. Изборите се први што се одржуваат во услови на епидемијата од ковид-19.
Вкупниот број на гласачи во Бугарија е 6 732 316 лица. Граѓаните својот глас ќе го дадат на 11.983 гласачки места , а во 9.398 од нив ќе може да се гласа машински. Ова е втор изборен циклус во Бугарија на кој може да се гласа машински.
Во Македонија ќе може да се гласа во Бугарската амбасада во Скопје, Генералниот конзулат во Битола, ќе има делови во Струмица, Штип и Охрид.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, претпладнево го даде својот глас, гласајќи во Банки, во близина на Софија, информира дописникот на МИА од Софија.
Ова се први избори на кои медиумите во земјава не знаеја кога Борисов ќе гласа, па поради тоа немаше новинари околу него, а неговото гласање само беше покажано на Фејсбук. По гласањето, тој замина за манастирот Дивотин.

Борисов коментира дека партијата што ја предводел во кампањата не навреди никого и ја водеше најтолерантната изборна кампања.
Бугарскиот премиер коментира дека ова се најскапите избори досега во Бугарија, бидејќи речиси 50 милиони лева (25 милиони евра) беа наменети за набавка на вакцини, а 50 милиони лева (25 милиони евра) за машинско гласање.
„Деветте илјади гласачки машини беа земени за бугарските граѓани да можат да гласаат на фер и транспарентни избори“,
категоричен е Борисов.
Според него, парламентарните избори во Бугарија ќе чинат над 150 милиони лева (75 милиони евра).
Тој повторно го критикуваше претседателот Румен Радев дека изборите можеа да се закажат една недела подоцна за да се видат подобрите резултати во справувањето со третиот бран од пандемијата со ковид-19 во Бугарија.
„Ги гледате податоците денеска и во последните три дена – 25, 22, 18 отсто, ние веќе излегуваме од третиот бран, поминавме половина милион вакцинирани. За една недела би биле во подобра форма“,
рече тој.
Премиерот Борисов соопшти колку е важно Бугарија да продолжи да се управува на европски и стабилен начин. Според него, најголемата поддршка од ЕК, што ја доби Бугарија, беше во петокот кога дополнителни 1.300.000 вакцини беа дадени на земјата од страна на компанијата „Фајзер“. Тој им се заблагодари на ЕК и на оние 19 земји-членки на ЕУ кои се согласија да ги обезбедат своите вакцини за здравјето на Бугарите.
Првите податоци за гласањето се очекуваат во 20 часот по локално време по завршувањето на изборниот ден во земјата.
Анкетите и предвидувањата се дека владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов и во новиот состав ќе биде најбројната партија во парламентот, меѓутоа аналитичарите предвидуваат дека стравот од ковид-19, пред сè кај повозрасните гласачи, може да влијае на одлуката дали да се излезе на гласање или не, што, пак, би можело да ги помати сметките.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, предвидувањата на аналитичарите се дека ако околу 45% од гласачите утре излезат на гласање, тоа ќе им помогне на ГЕРБ и нејзините потенцијални партнери да останат на власт, но ако излезноста надмине 51%, можно е опозицијата да се обиде да формира нова влада.
Последните испитувања на јавното мислење покажуваа солидна предност на партијата на Борисов пред опозициската БСП предводена од Корнелија Нинова односно рејтингот на ГЕРБ се движи од 27-28%, а на БСП од 19-20%.