Ова е прва средба меѓу папата Лав и претставници на администрацијата на Трамп по речиси една година, во период на затегнати односи меѓу Светата Столица и Вашингтон
Рубио му подари на папата мала кристална фудбалска топка, шегувајќи се дека знае оти Лав, роден во Чикаго и навивач на Чикаго Вајт Сокс, е повеќе љубител на бејзболот. Папата, пак, му возврати со мало пенкало изработено од маслиново дрво, кое го опиша како растение на мирот
Папата Лав и американскиот државен секретар Марко Рубио на денешната средба одржана во Ватикан ја потврдија заедничката заложба за подобрување на односите меѓу Ватикан и Вашингтон.
Ова следува во услови на засилени критики од американскиот претседател Доналд Трамп кон папата Лав.

Како што соопшти Ватикан, папата и Рубио ја обновија својата заедничка посветеност на негување добри билатерални односи. Ова е прва средба меѓу папата Лав и претставници на администрацијата на Трамп по речиси една година, во период на затегнати односи меѓу Светата Столица и Вашингтон.
Папата Лав, првиот американски папа во историјата, во изминатиот период остро ја критикуваше војната меѓу САД и Израел против Иран, како и строгата антиимиграциска политика на администрацијата на Трамп, што предизвика реакции од Белата куќа.
Во последните недели, Трамп упати серија јавни критики кон папата, што наиде на осуда и негативни реакции од христијански лидери од различни политички определби.
Портпаролот на Стејт департмент на САД, Томи Пигот, изјави дека средбата меѓу Рубио и Лав XIV претставува симбол на силната врска меѓу Ватикан и САД.
За време на посетата, Рубио се сретна и со високи претставници на Ватикан, меѓу кои и државниот секретар на Светата Столица, Кардинал Пјетро Паролин.
Според соопштението на Ватикан, двајцата соговорници разменија мислења за актуелната светска состојба и разговараа за потребата од неуморна работа за мир.
Средбата поминала и во неформална атмосфера.
Рубио му подари на папата мала кристална фудбалска топка, шегувајќи се дека знае оти Лав, роден во Чикаго и навивач на Чикаго Вајт Сокс, е повеќе љубител на бејзболот. Папата, пак, му возврати со мало пенкало изработено од маслиново дрво, кое го опиша како растение на мирот.
Минатиот месец папата Лав ја критикуваше изјавата на Трамп во која вели, „цела цивилизација ќе умре вечерва доколку Иран не се согласи на договор за завршување на војната“.
Потоа американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики до папата дека е ужасен кога станува збор за надворешната политика.
