Вакцинацијата е нешто најдобро што ѝ се случи на земјината топка изминатата година, вели Пановска-Ставридис
Пациентите кои имаат потешки нуспојави по вакцинацијата се бројат во промили и не треба секој еден да се обидува да се најде во тој промил, бенефитот од вакцините е голем во борбата против ковид, вели директорката на Клиниката за хематологија, проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис, во вечерашната дебата на „360 степени“.
„Овие неколку дена прегореа службените телефони на Клиниката за хематологија од загрижени граѓани кои веќе примиле една доза од ‘Астра Зенека’. Но, тоа е лажна тревога. Ниту еден од тие кои се јавија немаат ниту основа да дојдат да бидат прегледани“,
вели Пановска-Ставридис.
Таа додава дека лажните вести се една од причините зошто се шири лажна паника кај населението.
„Вакцинацијата е нешто најдобро што ѝ се случи на земјината топка изминатата година. Целата светска експертска елита се собра и успеа за неполна година да создаде неколку типови на вакцини кои се единственото оружје за справување на човештвото со оваа современа чума“,
вели Пановска-Ставридис.
За примерот на младата девојка која по вакцинацијата со „Астра Зенека“ имаше несакана реакција со појава на тромб, Пановска-Ставридис вели дека секој петти пациент кој прележат ковид ги има тие, па дури полоши последици.
„Не сум сигурна дека ваквата состојба на девојката е предизвикана од вакцинацијата, бидејќи изминатиот период видовме пациенти со слични состојби по прележан ковид-19. Освен тромбови, освен тромоцитопенија, имаа дури и анемија. Да потсетам на фактот дека секој петти заболен од ковид-19 добива тромбоза, а тромбоцитопенијата е многу честа појава кај пациентите кои се болни од ковид и е лош прогностички знак“,
вели Пановска-Ставридис.