Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ на чело со Александар Пандов и Унијата на млади сили (УМС) денеска организираа протест пред штипскиот затвор и побараа слобода за осудените за упадот во Собранието.
„Не само што не се заборавени, тие за нас тука присутните, а верувам дека и во секој македонски дом денеска, се современите маченици во 21-иот век. Маченици кој е наш светол симбол, наши светилници, дека во најцрните времиња кога Македонија е поробена, постоеле и постојат македонски синови кои што застанале во нејзината одбрана. Браќата кои што се не само во Штипскиот, туку и во останатите македонски затвори, тие тоа го покажаа и во 2001-ва година и 2017-та година. Нивниот грев во што се состои. Во тоа што тие ја љубат и ја сакаат Република Македонија. Можеби нешто повеќе од нас останатите. Мене искрено ми е жал што не се наоѓам сега заедно со нив таму во затвор, бидејќи мислам дека многу полесно ќе го истрпев овој црн период на национално, на секакво понижување што ни го прави Зоран Заев“,
порача Александар Пандов, претседател на Патриотски Институт на ВМРО-ДПМНЕ.
Пандов рече дека осудените за „27 април“ биле казнети затоа што пружале отпор на владините политики.
„Беа во право кога тврдеа дека ќе биде променет Уставот на Република Македонија, беа во право кога говореа дека Македонија ќе стане двојазична земја, веројатно како бонус ни на сон, ниту во најцрниот сон, ниту тие, ниту ние овде присутните не верувавме дека Зоран Заев ќе се дрзне до таму да не бугаризира, да брише македонската историја и да докажува заедно со неговите коалициони партнери Каракачанов и Захариева дека сме Бугари. Постоеле лоши времиња, меѓутоа во моментов сакам да кажам дека 400-тини до 500-тини македонски синови и ќерки, кои што се спротивставиле на Зоран Заев сега се под политички прогон. Толку луѓе се под обвиненија, по притвори и затвори. Тоа во едно најцрно време во минатото, сите сте слушнале за Стаљин – човек кој е симбол за диктатура, меѓутоа и во негово време потребни двајца сведоци за да биде некој осуден. А сега овие браќа наши, само на сведочење на еден, за воља на вистината професионален сведок, сега се наоѓаат во македонските затвори. Заев се надгради и неговиот правосуден систем, во последно време почнаа со белешки напишани од некој полицаец да пикаат луѓе по притвори и затвори“,
порача тој.
Присутните на протестот побараа нов судски процес за случајот, кој ќе биде, како што велат, без политички притисоци.
„Не постои друга земја веројатно во светот, каде што за кубење на коса, па макар таа била и на Радмила Шекеринска, некој бил осуден на четири ипол години затвор. Дедо Панче за жал, три години и неколку месеци ги одлежа во затвор. Кога говориме за уставобранителите и ние тука надвор и тие што се внатре, тврдиме дека не бараме милостиња, не бараме ние милост од Заев, ние само бараме нов судски процес кој што ќе биде фер и во кој што правото ќе биде главно. Сигурен сум дека во таков судски процес нашите браќа ќе бидат слободни. Не само што ќе бидат слободни туку ќе бидат и величани во новата македонска историја како едни од најголемите херои. Дојдени сме тука да порачаме дека ние не можеме да прифатиме македонските затвори да бидат полни со патриоти, а во исто време корумпирани криминалци да се шетаат по Мексико и Дубаи“,
порача Пандов.