Пандемијата на ковид-19 го намали очекуваниот животен век во 2020 година, најмногу од Втората светска војна, а животниот век на мажите во САД се намали за повеќе од две години, покажа студијата објавена од Универзитетот во Оксфорд, пренесува Хина
Очекуваниот животен век падна за повеќе од шест месеци во споредба со 2019 година во 22 од 29 анализирани земји во студијата на Универзитетот во Оксфорд која ги опфати Европа, САД и Чиле. Севкупно, очекуваниот животен век е намален во 27 од 29 земји.
Од Универзитетот велат дека причините за намалувањето на животниот век во различни земји може да бидат поврзани со бројот на смртни случаи од ковид-19. Досега се регистрирани речиси пет милиони смртни случаи предизвикани од новиот коронавирус, покажуваат податоците на Ројтерс.
„Фактот дека нашите резултати прикажуваат толку големо влијание што може директно да му се припише на ковид-19 покажува колкава штета предизвикала пандемијата во многу земји“,
рече д-р Риди Кашјап, еден од водечките автори на трудот.
Во повеќето земји имаше поголем пад на очекуваниот животен век за мажи отколку за жени, со најголемо намалување кај мажите во САД, чиј животен век падна за 2,2 години во споредба со 2019 година.
Севкупно, пандемијата на мажите им го скрати очекуваниот животен век за повеќе од една година во 15 земји, а на жените во 11 земји. Ова го избриша напредокот во намалувањето на смртноста што беше постигнат во претходните 5,6 години.
Во Соединетите Држави зголемувањето на смртноста беше главно кај работоспособното население и на возраст под 60 години, додека во Европа, смртноста кај луѓето над 60 години значително придонесе за зголемување на морталитетот.
Кашјап повика повеќе земји, вклучително и оние со низок и среден приход, да ги направат податоците за смртноста достапни за понатамошни истражувања.
„Итно повикуваме на објавување и достапност на повеќе податоци со цел подобро разбирање на ефектите од пандемијата на глобално ниво“,
рече Кашјап.