Сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделевски, обвинет во случајот „Империја“, одбива да се спогоди со Обвинителството тврдејќи дека е невин. Тоа е според него единствениот одговор што им го дал на пријателите и познаниците прашан зошто и тој не се договорил со обвинителката Лиле Стефанова, како што сторија Мијалков и Камчев.
„Нема да навлегувам во туѓи аргументи, нема да обвинувам други обвинети. Но, барам јасен одговор од страна на обвинителката Лиле Стефанова. За кое дело од обвинителниот акт сега ќе ме гоните мене? Што јас сум направил кога вие со спогодбите кои ги направивте, покривте 80 отсто побарувања од вашето обвинение? Вие самите сте потпишале спогодба со која сте се договориле. Не разбирам што јас сум сторил?“,
прашува Панделевски.
Тој нагласува дека обвинителката Лиле Стефанова не располага со никакви докази за делото кое му се става на товар.
„Обвинувате за злоупотреба на службена положба и за измама, а самите кажувате дека ‘тие активности не се случиле’. И, не само што според вас не се случиле туку и од потенцијално оштетената во предметот Кираца Трајковска имата изјава во која таа самата кажува дека никогаш во нејзиниот живот ниту се видела ниту разговарала со мене. Понатаму, врз основа на овие две според вас кривични дела кои пак според вас сум ги сторил, ама не се случиле, ми ставате на товар и трето кривично дело – перење пари. Кои пари сум ги перел кога за претходните кривични дела сами укажувате дека не се случиле? За ниту едно кривично дело за кое сум обвинет нема штетно дејствие“,
вели Панделевски.
Во своето обраќање до јавноста и до обвинителката Лиле Стефанова тој нагласува дека постапката била проследена со многубројни процесни недоследности, од кои како основна ја нагласува ненадлежноста на Обвинителството.
„Обвинението е поднесено без да се спроведе истрага од надлежен обвинител, односно истрагата е спроведена по наредба на неовластено обвинителство. За појаснување на јавноста, наредбата за истрага е донесена на 18 ноември 2018 година, а надлежноста за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите беше 18 месеци од денот на преземањето на предметите. Тој рок истече на 30 јуни 2017 година. Во таа насока има и начелно правно мислење на Врховниот суд на РСМ од 30 јануари 2019 година“,
пишува тој.
Панделевски смета дека неговиот случај е добар пример од кој идните обвинители ќе имаат можност да учат како не треба да работат и се надева дека неговите аргументи ќе бидат прифатени.
„За мене правдата значи и слобода, а слободата е право дадено од Господ. Со никакво дејствие на било кој, не може да се одземе неосновано. Албер Ками кажал дека ако човекот не успее да ги помири правдата и слободата, тој не успева во сè. Очекувам дека Основниот кривичен суд ќе го прифати приговорот на мојот адвокатски тим. Очекувам да бидам прогласен за невин. Мојата единствена спогодба е мојата чест“,
се вели во јавното обраќање на Панделевски .