Поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, на почетокот на денешното судење побара да му се укине притворот оти до денес не добил решение по жалбата да биде разрешен од судиската функција, јавува дописникот на ТВ Сител од Велес.
Обвинителот во предметот појаснил дека таква одлука има и дека за неа информирале и медиумите.
Судијата кој го води предметот Валентина Ѓорѓиевска на почетокот на судењето на многубројните новинарски екипи им забрани да ги користат телефоните за информирање на јавноста и побара да ги приложат на видно место на обвинителната маса. Дополнително забрани телевизиските новинари во текот на судењето да излезат од судницата и известуваат во живо и објасни дека ако тоа го сторат немаат право да се вратат во судницата, објави ТВ Сител.