Метју Палмер, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, го поздравил усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, на Законот за одбрана и останатите, како што соопштуваат од владата, реформски закони кои ја приближуваат Северна Македонија до одлука за почеток на преговори.
На средбата со премиерот Спасовски во Брисел, Палмер го потврдил пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија.
„Во разговорот меѓу премиерот и специјалниот претставник беше потенцирано дека Северна Македонија очекува од ЕУ да ја исправи грешката од октомври минатата година и да донесе заслужена одлука за старт на преговорите во март“,
информираат од владата.
Спасовски, кој во Брисел учествува на донаторска конференција „Заедно за Албанија“, имал состанок и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која честитала за усвојувањето на Законот за јавно обвинителство.