Палчо на 5 декември беше уапсен во близина на турскиот град Баликесир откако по него Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница
На Љупчо Палевски-Палчо му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена во затворена казнено-поправна установа во Баликесир, Турција, информира денеска Министерството за правда.
„Во дописот од Републичкото јавно обвинителство во Баликесир, Турција, информираат дека на Љупчо Пелевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело намерно убиство на дете, согласно Законот 6706 член 14 , со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена“,
велат од Министерството за правда.

Палчо на 5 декември беше уапсен во близина на турскиот град Баликесир, откако по него Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница.
Тој е осомничен за две кривични дела грабнување и убиство на свиреп начин, а по распишувањето на меѓународната потерница, беше фатен во турскиот град Баликесир.
Сите други осомничени се во триесетдневен притвор. Станува збор за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски (кои се товарат дека се соизвршители на двете кривични дела), петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓоревски, за кој Обвинителството смета дека им помогнал на останатите да го грабнат девојчето.
Дополнително, во притвор е и возачот Стефан Димковски, кој го пренесе Палевски од Србија до Турција. Него Обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје, на 3 декември.