Два од законите веќе го поминаа комисискиот филтер и за нив може да се расправа на пленарна седница чие продолжение е закажано за денеска. Седница има и Комисијата за европски прашања каде што ќе продолжи расправата и за останатите законски измени
Пакетот предлог-законски измени, поднесени со европско знаменце, а кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“, денеска повторно се на дневен ред во Собранието.
Станува збор за предлог-измени на пет закони: за работни односи, за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење, како и на посебниот закон за коридорите 8 и 10-д.
Со оглед дека власта ги поднесе со европско знаменце, комисиската расправа за нив се одвива во Комисијата за европски прашања. Таму веќе поминаа два од петте закони – за работни односи и за урбанистичко планирање, денеска се очекува да се разгледуваат измените на Законот за градење, а во наредните денови и на останатите два закони.
- Мнозинството ги одби амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за измените на Законот за работни односи
- Измените на Законот за урбанистичко планирање, дел од пакетот за „Бехтел и Енка“, ја поминаа Комисијата за европски прашања
Двата закони кои го поминаа комисискиот филтер, пак, денеска може да бидат тема на дебата на пленарна седница. На седницата во дневниот ред има 35 точки, а предлог-измените на Законот за работни односи се 14. точка, додека тие за Законот за урбанистичко планирање 17. по ред.
Употребата на европското знаменце за овие предлог-измени изминатиот период е во фокусот на јавната дебата и на партиските прозивки. Власта реши да го користи овој инструмент за да одбегне блокада, а опозицијата, пак, обвинува дека местото на европското знаменце не е за овие законски измени.
На употребата на европското знаменце, меѓу првите реагираа и од Делегацијата на Европската Унија во земјава посочувајќи дека предлог-измените не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата, случаи за кои треба да се користи овој инструмент во Собранието.