Шефот на словенечката дипломатија, пак, вели дека отворените прашања во регионот треба да се решаваат во духот на довербата и согласно меѓународното право и европското законодавство
Билатералните прашања треба да се решаваат со пристап кој ќе има симболика на меѓусебно помирување, а не на раздвојување, изјавил словенечкиот претседател Борут Пахор, во воведното излагање на денешниот состанок на спикерите на парламенти од Западен Балкан, што се одржува во Брдо кај Крањ, а во рамки на претседателството на Словенија со ЕУ.
Пахор, како што соопшти прес-службата на македонското Собрание, изразил жалење што интеграцијата не оди според посакуваното темпо, кое е прашање не само на развојот на земјите од Западен Балкан, туку и на мирот и на безбедноста.
„Словенечката определба е да се внесе свеж импулс на овој процес, со што ќе се искаже силна поддршка на европската перспектива на регионот. Овој процес е двонасочен, односно, земјите кандидати треба да ги исполнат бараните реформи, а земјите членки треба да го држат проширувањето високо на европската агенда“,
рекол Пахор.
На настанот учествува и претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери, кој во своето обраќање се осврна и на блокадата на ЕУ-интеграцијата на земјава, поради проблемот со Бугарија.
Шефот на словенечката дипломатија, Анже Логар ја потенцирал моќта на трансформација што ја има европската интеграција во земјите аспиранти – за унапредување на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и социо – економските реформи.
„Отворените прашања во регионот треба да се решаваат во духот на довербата и согласно меѓународното право и европското законодавство“,
порача Логар.
Тој заклучил дека миграцијата, сајбер нападите и зелената и дигитална трансформација на економијата се приоритети и за земјите аспиранти и тие треба да бидат во основата на процесот на интеграција.
Во Заедничката изјава, усвоена на состанокот, учесниците ја поздравиле заложбата на Европскиот парламент, кој обезбедува политичка поддршка на процесот на проширување и ја нагласиле потребата за стратешки пристап кон на проширувањето од страна на Европската Унија. Било потенцирано изначењето на парламентарната дипломатија во продлабочувањето на политичкиот дијалог за забрзување на процесот на проширување и заложбата на парламентите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка, која придонесува за унапредување на довербата и промовирање на процесот на помирување во регионот.
Заедничката изјава, додаваат од собраниската прес-служба, ќе биде испратена до Европскиот парламент, Европската комисија, до учесниците на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан, како и до Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ (КСЕУ).