На форум во Подгорица, словенечкиот претседател изразил разочарување што политиката на проширување не е моментно високо во агендата на ЕУ, додека Пендаровски посочил дека е многу обесхрабрувачки кога земја како СМакедонија исполнува се што се бара од неа, а преговорите се одложуваат
Претседателот на Словенија Борут Пахор изрази разочарување на форумот 2БС (2BS – To be Secure ) во Подгорица поради тоа што политиката за проширување во моментов не е високо на агендата на Европската унија.
Тој изјави дека она што се случи со Северна Македонија е обесхрабрувачки за земјите од Западен Балкан.
„Таа земја исполни сè што беше побарано од неа, тие направија сè што требаше да се направи, а Европската Унија запре“,
рече словенечкиот претседател, потенцирајќи дека станува збор за голема грешка, што тешко ќе се исправи.
Тој истакна дека ова прашање не смее да се игнорира и дека е негова задача да ги потсети за тоа своите колеги.
„Навистина жалам што Брисел во моментов е оптоварен со други проблеми, почнувајќи од здравствената криза, преку Брегзит, така што проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан не е приоритет“,
рече Пахор на 10. јубилеен, форум 2БС.
Пахор, како што пренесува порталот ЦдМ, нагласил дека Брисел би донел мудра одлука доколку веднаш ги унапреди преговорите со земјите кандидати од ова подрачје, се разбира, под услов тие „да си ја завршат својата работа“.
Тој рече дека би било добро ЕУ да ги гледа земјите од Западен Балкан како еден блок и на тој начин да ги прими во Унијата.
Црногорскиот портал пренесува и изјава на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека не се осмелува да дава прогнози за иднината на земјите од Западен Балкан во наредните 10 години, ама дека бу сакал да сведочи на едно позитивно сценарио што би можело да се случи:
„Ова позитивно сценарио би подразбирало дека преговорите со Северна Македонија започнуваат веднаш, преговорите со Црна Гора и Србија веднаш се забрзуваат и дека, со посредство на Брисел, дијалогот меѓу Белград и Приштина се забрзува и конечно „замрзнатата држава“ на Босна и Херцеговина се деблокира “,
рекол Пандеровски.
Покрај сè што треба да направат земјите кандидати и што треба да се исполни, треба и волја на Брисел, додал македонскиот претседател, предупредувајќи дека е многу обесхрабрувачки за граѓаните кога земја како Северна Македонија исполнува се што се бара од неа, а преговорите се одложуваат.
Тој додал дека, и покрај фактот што новата методологија предвидува земјите во преговорите да не можат да бидат блокирани поради билатерални недоразбирања, Северна Македонија е блокирана не заради некој актуелен проблем, туку заради некое историско наследство.